Ангел Димитров напиша книга за Македонија

Темата Македонија не избледува и е дел нашите животи повеќе од два века“. Ова го рекол бугарскиот историчар Ангел Димитров при презентацијата на неговата книга „Бугарија и Република Северна Македонија. Средба меѓу историјата и политиката“.
На настанот присуствувале и заменик министерката за надворешни работи на Бугарија, како и двајца поранешни бугарски премиери.
Димитров истакнал дека идејата за книгата потекнува од 2021 година. Тој својата работа ја дефинира како анализа на модерноста и посочил дека книгата обработува прашања од големо значење и за иднината и за добрососедските односи меѓу двете земји.
„Република Северна Македонија не може да избега од југословенската орбита во која е создадена. Тешко е да се излезе од ова наследство, а тоа важи и за политичката класа“, изјавил бугарскиот историчар, пренесуваат бугарските медиуми.
Оваа книга е продолжение на неговата претходна книга „Република Македонија меѓу југословенството и национализмот“, објавена во 2011 година. Новото истражување, според Димитров, фрла светлина врз српско-југословенските планови за Македонија, причините за одбивањето на политичката елита во Скопје искрено да и се приближи на Бугарија и нејзината папочна врвца со Белград и Москва. Се допира прашањето за подадената рака на Бугарија кон соседот во најтешките моменти за неа, како и обидите за нејзина дестабилизација од странски актери.
„Зошто мораше да се напише оваа книга? Затоа што допира прашања со пулсирачко историско значење и директно влијание врз можноста за вистинска, добра и заедничка иднина меѓу две соседни земји. Република Македонија не е во состојба да избега од југословенската орбита во која е создадена државната политика“, рече Димитров.
„Идеологијата на македонизмот е идеолошката оска на сите влади кои носат одговорност за иднината на оваа земја (РС Македонија). Ни треба искрена, пријателска иднина меѓу двете земји“, нагласи тој.
Димитров тврди дека длабоката држава во Скопје има моќ да го обликува општеството и политиката. Во конкретниов случај, тоа се сите овие структури и поединци врзани за старите служби кои ја држат економската моќ.
Димитров посочи дека македонскиот идентитет е производ на Белград и Москва, на старата српска доктрина на Стојан Новаковиќ и нејзината последователна модификација од страна на Коминтерната.
„Помирувањето е можно ако се постигне историска, социјална и политичка катарза. Се надевам дека луѓето не го изгубиле чувството на блискост со Бугарија“, додаде научникот.
Димитров е копретседавачот на бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања со Македонија која претседава во рамки на Договорот за добрососедство меѓу двете држави.