Ангел Димитров го спори легитимитетот на Кирил Петков да одлучува за Македонија


„Проблемот со европската интеграција на РСМ не е централен за бугарскиот политички државен поредок. Формално, секоја влада носи одлуки од надворешнополитички аспект. Во оваа состојба, при доста спорната легитимност на сите во власта, од гледна точка на таквото преставување меѓу  Бугарите, редно е да се запрашам дали во ваков момент можат да се носат решенија кои ги засегаат фундаменталните национални интереси“, изјави првиот човек на Историската комисија на Бугарија за спорот со Македонија, Ангел Димитров.

Тој практично ја оспори легитимноста на премиерот Кирил Петков да одлучува за ветото на Македонија со чисто политичка изјава, иако на функцијата е само во улога на историчар и цело време ја обвинува нашата страна дека ги политизира разговорите за историските разидувања.   

Димитров отиде подалеку и порача дека нема ни потреба да се свикува Консултативниот совет за национална сигурност на оваа тема.

„Топката не мора постојано да се префрла од една во друга институција“, изјави тој.

Според него, Северна Македонија го прифаќа билатералниот договор за пријателство и добрососедство како формален чин, како влезен билет во ЕУ, а не како цврст политички ангажман.

„Не мора да живееме со поимот мимикрија на акција, на лажни сигнали дека нешто се случува, по што нема резултати“, порача Димитров. Тој смета дека зад  „збрзаните постапки на премиерот Кирил Петков“ со еуфоричното убедување дека може да се одврзе комплексен јазол, очигледно стојат активности кои остануваат јавно непознати, а тоа создава тензија кај бугарското општество. Тој нагласи дека нема ништо заедничко меѓу бугарската позиција и интересите на Русија, а тезата за тоа е несериозна и непријатна.

„РСМ има држава која е генетски поврзана со Србија и Русија. И не може или не сака да им сврти грб. Затоа се апсурдни тврдењата дека бугарската позиција е во служба на Русија или Србија. Бугарија категорично ја поддржа евроинтеграцијата на Северна Македонија за да и помогне да се тргне од старата југословенска комунистичка орбита. Треба да се чуваме од таквите евтини политички мантри кои ја дискредитираат нашата земја“, рече Димитров.