Ангажирани уште 200 војници за гаснење на пожарите

Кога ќе престанат огновите и пожарите, веднаш да седнеме, да не чекаме да дојде следното лето, да го препрочитаме Законот за управување со кризи и да ја преиспитаме организацијата внатре, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова откако ги посети припадниците на Армијата вклучени во гаснењето на големиот шумски пожар на планината Серта кај неготинското село Калањево.
Таа е уверена во, како што рече, способноста на директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и неговиот тим, како и во подготвеноста на војниците и пожарникарите.
„ Утрово рано ја потпишав одлуката, верувам во способноста на војниците зашто секогаш кога било најтешко тие се наоѓале на вистинското место. Јасно ми е зошто е сонцето на нашето знаме, не е само нашата Република во пламен, сиот Балкан е во пламен“, истакна Сиљановска-Давкова.
Според неа, сликите се некогаш подраматични од реалноста.
„Го слушав Стојанче и неговите предупредувања, мирна сум знаејќи дека генералот зад мене ќе ја преземе командата со војниците. Знаеме дека се работи за врвно едуцирани пилоти, не само вешти, туку и пожртвувани и храбри. Се молам да падне дожд, врвен експерт за климатски промени ми рече дека може да очекуваме дожд, не дека тоа ќе ја реши ситуацијата. Но, таму каде е најопасно имаме луѓе“, рече таа
Претпладнево, со одлука на Сиљановска-Давкова, ангажирани се дополнителни 200 припадници на Армијата за гаснењето на пожарите, со што вкупниот број на ангажирани армиски припадници е 300.