Анестезиолог од тетовската болница во живо на Тик-Ток прикажувал пациентки од гинекологија

Директорот на болницата Пелумб Вела ја осудува постапката и очекува органите на прогонот што побрзо да го решат овој случај


Лице кое било вработено во тетовската болница како анестезиолог во живо на социјалната мрежа Тик-Ток пренесувал видео од одделот за гинекологија на кое може да се забележат и пациентки, јави ТВ21.

Телевизијата го верификувала видеото и добила потврда дека е снимено во тетовската гинекологија, а лицето што го направило видеото е ангажирано на одделението каде се прекинува бременост.

Подоцна телевизијата јави дека лицето кое во живо на Тик Ток покажуваше пациентки по сали, било приведено. Камерата на ТВ21 сними како тој излегува од полициското возило и се упатува кон полициската станица за да даде изјава.

Случајот во полиција го пријавил директорот на болницата Пелумб Вела кој за телевизијата изјави дека ја осудува постапката и очекува органите на прогонот што побрзо да го решат овој случај.

„Овој настан за нас не е разбирлив и го осудуваме секое непрофесионално однесување на медицинскиот персонал кон пациентите“, рече Вела за ТВ21.

Од МВР потврдија дека е приведен анестизиологот кој снимал и објавувал пациенти на Тик-Ток.      

„Во тетовско Одри синоќа во 23.40 часот полициски службеници го привеле  В.Д. (43), постапувајќи по пријава од страна на П.В., директор на Клиничка болница
Тетово дека В.Д. ,вработен како анестезиолог во болницата, снимал и објавувал преку мрежата Тик-Ток лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош.

Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.

 

 

На истата тема: 

Лекарска комора го осуди инцидентот во болницата во Тетово, итно ќе се испита случајот