Анџелина Џоли се повлекува од функцијата претставник на ОН за бегалци


 

Американската актерка, добитничка на Оскар, Анџелина Џоли изјави дека по повеќе од 20 години се повлекува од улогата на амбасадор на Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР, јави Би-Би-Си.

Анџелина Џоли извршила „повеќе од 60 теренски мисии за да сведочи за приказни за страдање, како и за надеж и издржливост“, велат од УНХЦР.

„Верувам во многу работи што ги прават ОН, особено во животите што ги спасуваат преку итна помош“, рече Џоли (47).

И таа додаде: „Сега ќе работам со организации предводени од луѓе најдиректно погодени од конфликти, кои им даваат најголем глас“.

УНХЦР рече дека таа е една од највлијателните застапници за правата на бегалците.

Во објава на нејзината страница на Инстаграм, холивудската ѕвезда напиша: „По повеќе од 20 години, денес се повлекувам од мојата работа со агенцијата за бегалци на ОН.

„Бегалците се луѓето на кои најмногу им се восхитувам во светот и посветенa сум да работам со нив до крајот на мојот живот“.

Џоли не даде детали за организациите со кои планира да соработува.

Во меѓувреме, УНХЦР во соопштението вели дека Анџелина Џоли „ќе се вклучи во поширок сет на хуманитарни прашања и прашања за човековите права“.

Во соопштението, агенцијата за бегалци додава дека „Џоли работеше неуморно, извршувајќи повеќе од 60 теренски мисии за да сведочи за приказните за страдање, како и за надежта и издржливоста“.

Џоли – која глумеше во голем број блокбастери, вклучувајќи ги „Г-дин и г-ѓа Смит“ и „Лара Крофт: Томб Рајдер“ – работи со УНХЦР од 2001 година, станувајќи специјален пратеник на агенцијата во 2012 година.

Во последниве месеци, таа се сретна со раселени луѓе во Украина, Јемен и во Буркина Фасо разурнати од војна.