Андријана Тилиќ со архитектонски фотографии во МКЦ


Во Младинскиот културен центар вечерва ќе биде отворена првата самостојна изложба на фотографии од архитектот Андријана Тилиќ.

Изложбата е насловена „Архиметрии“ и има уметничко-истражувачки карактер. Замислена е како панорамска изложба на фотографии во која главниот мотив и конструкт е архитектурата. Фотографиите во себе содржат вредности како ликовната естетика, естетиката на архитектонскиот јазик, но и документарна вредност.

Во фокусот на истражувањето на авторката е откривањето и потенцирањето на формата, скулптуралноста, графизмот, текстуралноста и други фактури кои сведочат за одреден архитектонски јазик.

Андријана Тилиќ живее и работи во Скопје. Таа е дипломиран архитект при Архитектонскиот факултет во Скопје, активен магистрант на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Професионално се занимава со фотографирање на архитектонски простори, соработувајќи со голем број архитектонски бироа. Активно придонесува за развој и афирмација на архитектонската фотографија во земјава.