Андријана Цветковиќ: Во Јапонија корона вирусот се утврдува за десет минути


Слободанка Јовановска

Андријана Цветковиќ беше првиот амбасадор на Македонија во Јапонија. Во оваа земја живее веќе 15 години, доволно за да го сфати ритамот и филозофијата на живеење на овој народ, но не и предолго за да направи споредба со состојбата и луѓето во Македонија. Со оглед на тоа дека Јапонија меѓу првите се соочи со корона вирусот и, за разлика од Кина, успешно го држи под контрола, интересно беше да се видат искуствта на оваа земја во борбата со најопасниот вирус во поновата историја. Според неа, Јапонија веќе има тестови кои ја детектираат болеста за десетина минути, а како рзултат на дисциплинирноста, иако има најстара популација во светот, не се соочи со драма како таа во Италија.

Има ли се уште корона вирус во Јапонија, колку време помина од првите регистрирани случаи и колкава беше смртноста?

Состојбата со корона вирусот во Јапонија е прилично стабилна, при што имаме околу 1.500 заразени со вирусот, околу 50-тина починати и околу 400-тина кои се пуштени дома и се водат како излечени. Велам состојбата е прилично стабилна, имајќи ја во предвид популацијата од 126 милиони, од кои околу 38 милиони во Токио и околината, густината на населеност и демографската слика. Сепак не треба да се заборави дека Јапонија има една третина население кое спаѓа во категоријата на стари лица и  е број еден земја во светот по староста, пред Италија која е број два.

Многумина ги споредуваа Италија и Јапонија, чудејќи се зошто во Јапонија не се случи она што се случи во Италија, но нема вистински одговор за тоа. Јас би кажала дека Јапонија има граѓани со висока свест и луѓе кои веднаш реагираат на препораките од своите власти. Сите тука носиме маски, уште од првиот ден кога се дозна за вирусот, а многумина од нас носат маски и во текот на годината, без посебна потреба. Токио секоја есен и пролет е погоден од масивен бран на алергии од полен, и тогаш особено сите носат маски. Рацете се мијат често, а алкохол има во секоја продавница, секој јавен тоалет, и секоја институција, така да хигиената е на доста високо ниво.

Оваа состојба која ја опишав не значи дека Јапонија успеала да го победи вирусот, туку дека за да се справи една нација со еден непријател, па бил тој и биолошки, треба високо ниво на самосвест и самодисциплина, а треба и единство и солидарност. Единката мора да мисли за другите единки во општеството, и да делува во синергија со истото. Доколку секој си прави како на него што му одговара нема ништо од одбраната. Носењето маски, иако се чини банален чин, сметам дека е особено важен и покажува висока доза на одговорност. Доколку не сакаш да носиш маска заради себе, а има многу такви кои не сакаат, тогаш ќе мораш да ја носиш заради другите.

Како успеа Јапонија да ја стави епидемијата под контрола? На што се должи најмногу тоа – на дисциплината, на рано преземените мерки, на фактот дека имаат искуство со САРС и други епидемии, што носат редовно маски..

Првото детектирано лице со овој вирус беше во почетокот на јануари, лице кое лежело во болница поради други околности, а вирусот бил откриен подоцна. Во Јапонија речиси два месеци се одвиваше драмата на бродот Diamond Princess, на кон имаше и наши тројца граѓани кои за среќа се добро. Јапонија многу рано се соочи со вирусот и имаше можност да ги види ефектите од него на бродот, каде се рашири со молскавична брзина.Погодени беа илјадници луѓе, а она кое се извлече како заклучок беше дека 75 отсто од заразените имале благи симптоми, или никакви симптоми што е опасно, бидејќи тие не знаејќи понатаму го шират вирусот. Јапонија не ги затвори своите граници, но го ограничи влезот на патници од определени делови од Кина, а туристичките агенции им ги откажаа сите аранжмани на кинеските туристи, кои особено во голем број ја посетуваат Јапонија во последниве години. Јапонија беше една од првите која на почетокот на фебруари ги затвори сите училишта, градинки и универзитети. Целата едукација брзо беше префрлена онлајн. Родителите во почетокот негодуваа на оваа одлука, која во тој момент се чинеше претерана, но мислам дека сега се благодарни на владата. Мерката важи до почетокот на април, но сметам дека ќе се продолжи. Како што знаете летово требаше да се одржат Олимписките игри во Токио, и целата држава се подготвуваше за овој настан, кој од завчера официјално се презакажа за следната година.

Овој викенд сите сме затворени дома, бидејќи градоначалникот на Токио госпоѓа Коике, на прес конференција замоли сите да седиме дома и да внимаваме да не се рашири вирусот во овој клучен период. Мора да забележам дека минатава недела многу луѓе во Токио сосема заборавија на вирусот и, намамени од убавото време, почнаа да излегуваат по ресторани, шопинг центри, паркови…Тоа мене вистински ме загрижи, и морам да предупредам истото да не се случи и кај нас. Знаете, на луѓето ќе им здодее да седат дома по еден месец, и бидејќи ситуацијата ќе се чини дека е под контрола, сите ќе сакаат да се вратат на нормалното живеење. Тука веднаш се забележа раст на бројот на регистрирани случаеви, и властите веднаш реагираа. Се уште не е прогласен полициски час, или вонредна состојба во Јапонија, но не се исклучува можноста истото да се случи наскоро, доколку бројот на заболени продолжи да расте.

Јапонија исто така има доста конзервативен пристап кон тестирањето, т.е. се тестираат само лица со определени симптоми, ако имале покачена телесна температура во текот на 4 дена, ако биле во контакт со други лица заболени од вирусот и слично. Постојат неколку објаснувања за тоа, дека приоритет се дава на лицата кои имаат сериозни симптоми и се во напредната возраст, и дека се очекува со тек на време да се создаде колективен имунитет на населението. Има голем број на луѓе кои се сомневаат дека го прележале вирусот во декември и јануари, но воопшто не биле свесни за тоа. Како што реков, многумина ќе имаат само благи симптоми, но сепак симптомите на овој вирус можат точно да се препознаат во споредба со други вируси. Во Јапонија веќе се појавија тестови кои можат да го детектираат вирусот во рок од 15 минути, и можно е оваа забрзана метода да ги охрабри медицинските власти да тестираат повеќе.

 Што можеме да преземеме од јапонското искуство?

Од Јапонија секако можеме многу да научиме, но за да научиме нешто воопшто и да ги подобриме своите капацитети ние треба како држава и како нација да инвестираме во едукација, специјализација и јакнење на капацитетите на долг рок, а не само кога ќе дојде момент на криза како овој, бидејќи тогаш е доцна.

За време на мојот мандат како амбасадор во Јапонија од 2014 до 2019, посветив големо внимание на академската и научната соработка помеѓу двете земји. Иако бев прв амбасадор и имав огромен број на технички задачи околу формирањето на амбасадата и слично, за четири години успеав да издејствувам потпишување на десетина меморандуми за соработка со јапонски универзитети. Исто така потпишавме три договори со јапонски болници за медицинска соработка, при што овозможивме наши доктори да дојдат во Јапонија и да имаат обука или кратка специјализација во нивната област. Во 2017 година јас иницирав соработка со Нагасаки Универзитетот и Институтот по тропска и нуклеарна медицина, кој е најдобриот и најстариот институт во Јапонија кој се бави со вируси и тропски болести. Неодамна се објави во Јапонија дека токму Нагасаки универзитетот заедно со Канон Медикал Системс, го измислиле најбрзиот тест за корона вирус за кој се потребни само 10 минути.

Јапонците многу тешко потпишуваат договори, но успеав и тука да издејствувам да се потпише меморандум за соработка со УКИМ. Идејата беше да се организираат симпозиуми и научна соработка помеѓу Институтот и нашата универзитетска Клиника за инфективни болести, од која имав извонредна поддршка, посебно од примариус доктор Шопова, која веќе имаше искуство со јапонските болници, како дел од проектот на медицинска дипломатија кој го споменав погоре.

За жал многу мал дел од овие договори се ефектуираа, најмногу поради недостаток на средства, интерес и организираност од наша страна. Не можеме да очекуваме дека светски универзитети, институти и клиники нас ќе не молат и ќе ни подготват се, ние треба да сме тие кои ќе иницираме, каниме, организираме….Ние треба да имаме и систем кој ќе функционира на краткорочни и долгорочни цели, кој ќе планира и реализира. Систем кој ќе го има општиот пред личниот интерес, бидејќи само тој општ интерес може да доведе до подигање на нивото на животен стандард на една земја.

Знам дека нашите институции во моментов се справуваат со огромни предизвици и дека за земја како Македонија со ограничени капацитети ќе биде многу тешко да се справиме со состојбата, доколку истата ескалира. Затоа апелирам, кога сето ова ќе помине, да се направи национална стратегија за справување со кризи и истата да ги опфаќа и медицинските капацитети – човечки и материјални, и да се вложат средства, време и волја да инвестираме во она кое ни е најважно, а тоа е здравјето. Соработка со врвни светски едукативни центри, болници, и институти треба да биде наша практика и долгорочна политика.

Треба да се искористат и нашите амбасади по светот, кои сигурна сум дека ќе дадат се од себе да овозможат прекрасни услови за ваква соработка, како што впрочем и тоа го правеле многу од нив, но можностите не биле докрај искористени. Важно е да се подготвуваме во мирни времиња за најлошото, надевајќи се на најдоброто.

Како во Јапонија гледаат на потеклото на вирусот?

 Се верува дека вирусот потекнува од Кина, како што е официјалната верзија, но никој не се занимава со неговата „националност“, туку се бара лекот и биолошкиот носител. Најновото е дека најверојатно вирусот не доаѓа од лилјак, туку од панголините. Веќе се говори за повеќе потенцијални лекови за вирусот од страна на јапонски научници. Но, сметам дека јапонските власти и институции, како и сите земји во светот, ќе мораат да извршат голем број на изолирани тестирања пред да го понудат лекот за широка употреба.

 Се плашат ли Јапонците повеќе од вирусот или од земјотресите?

Интересно е дека јас живеам во Јапонија веќе 15 години и сме виделе тука многу земјотреси и тајфуни, но секако тој од 2011 година беше најстрашен и најдевастирачки. Би рекла дека Јапонците се многу храбни луѓе и не се плашат ниту од едното ниту од другото. Нормално, како сите луѓе на планетава се загрижени и не им е сеедно, но нема начин да забележите дека се исплашени. Иако дел од луѓето работат од дома, поголем дел секој ден одат на работа и ги извршуваат своите обврски. Повремено реагираат на прес конференции од нивните власти празнејќи ги маркетите, но тоа  се случи само два пати од почетокот на кризата. Властите се исто така внимателни и не излегуваат често на прес конференции, освен ако не треба да се пренесе важна порака на луѓето.

Оваа ситуација не доведува сите пред една вистина, а тоа е дека сите ние како колектив и како глобално семејство сме многу слични, сосема ранливи, колку и да изгледаме силни, и дека не треба да ги земаме здраво за готово сите благодети во кои уживаме. Дека треба секогаш да ги јакнеме нашите човечки капацитети за солидарност, несебичност и служење на колективното добро, како и зајакнување на есенцијалните капацитети на државата, како  здравството, образованието и економијата.