Андреј Ковачев го обвини Никола Димитров дека „безобразно лаже“


Откако вчера во говорот во Советот на Европа, македонскиот вицепремиер Никола Димитров ја критикуваше Бугарија дека го поттикнува антагонизмот меѓу двата народи и двете земји, европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, го обвини дека бил лажливец.

„Ниту една земја не може да ни каже или диктира кој е нашиот идентитет и нашиот јазик, кој јазик го зборуваме, тоа не е добрососедство, ако тоа му се прави на својот сосед“, рече Димиторв во говорот пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.

„Никола Димитров очигледно ги брани оние што го уништуваат мајчиниот јазик на стотици илјади Бугари од Македонија! Вие ја продолжувате политиката на културен етноцид започна во 1945 година“, реагира Ковачев, пренесува Бгнес. Според него, во мај 1946 била издадена наредба „да се уништат сите натписи, имиња и други ознаки на згради, споменици и цркви на бугарски јазик“.

Според бугарскиот европратеник, „културната Европа не реагира против оваа фанатична кампања за уништување на зборот“. Па продолжува: „И покрај оваа тоталитарна политика, во комунистичка Југославија имаше храбри луѓе кои не уништија, туку зачуваа некои бугарски споменици. Сега се обидувате да ги избришете и нив. Лажете на најбезобразен и најсрамен начин дека немало дискриминација кон оние кои отворено се изјаснија како Бугари“, вели Андреј Ковачев.