„Андреграунд“ на Кустурица во пет најдобри воени филмови од 90-тите


Филмот „Андреграунд“ на Емир Кустурица од 1995 година се најде на петтото место меѓу најдобрите воени филмови од деведесеттите, според познатиот американски портал „Мувивеб“, специјализиран за критики и преглед на достигнувањата на седмата уметност. Приказната инспирирана од драмата на Душан Ковачевиќ се најде во друштво на на филмовите „Сталинград“, „Тенката црвена линија“, „Животот е убав“, „Шиндлеровата листа“ и „Спасување на војникот Рајан“.

„Андреграунд“ во режија на Емир Кустурица е сатиричен српски воен филм кој освои Златна палма во Кан во 1995 година. „Андерграунд“ ја следи приказната за двајца пријатели кои се подготвуваат за претстојната германска инвазија на Србија, додека собираат залихи од храна и оружје и се упатуваат под земја.

Војната завршува, а Блеки (Мики Манојловиќ), единствениот на кој му е дозволено да го напушти подземниот бункер, избира да не ги информира своите пријатели за крајот на војната – пишува оваа веб-страница.

 

Емир Кустурица

„Андреграунд“  беше награден со Златна палма од жирито во Кан во 1995 година како најдобар антивоен филм, а Кустурица откри дека филмот е снимен благодарение на поддршката што ја дал продуцентот Карл Баумгартнер.

„Ми даде потполно одврзани раце. Денес нема луѓе како Карл. Тој патувал низ светот и барал млади таленти. Го снимав филмот неколку години и потрошив многу пари, за што често ме обвинуваа. Меѓутоа, кога го видоа резултатот на првата проекција во 1995 година, не можеа да аплаудираат поради шокот“ – изјави режисерот.

Маестралните улоги ги играат Лазар Ристовски, Предраг Мики Манојловиќ, Мирјана Јоковиќ, Славко Штимац, Срѓан Тодоровиќ, Бата Стојковиќ, Мирјана Карановиќ и многу други. Музиката во филмот е на Горан Бреговиќ.

Филмот доби повеќе награди, а беше и српски кандидат за Оскар за најдобар филм надвор од неанглиското говорно подрачје. Британскиот филмски институт го прогласи за најдобар балкански филм на сите времиња.

Југословенската кинотека во 2016 година, врз основа на своите овластувања, прогласи сто српски играни филмови (1911-1999 година) за културно богатство, а на таа листа се најде и „Андерграунд“. Снимен е во српско-француско-германско-унгарска копродукција.

Благодарение на „Андреграунд“, Кустурица стана еден од шестте режисери на светот кои два пати освоија Златна палма. Првата ја доби за филмот „Татко на службен пат“.