Андреа со прва проба на 66. Евросонг во Торино (фото)


Италија- Во црн авангарден аутфит на стилистката Славица-Цаци Паковска, вокално секогаш подготвена, Андреа ја имаше првата проба на евровизиската сцена во Палa Олимпико во Торино.  Нашата претставничка ќе настапи во втората полуфинална вечер, на 12 мај,  со песната „Circles“ на Александар Масевски. Фотографиите ја открија и сценографијата за време на настапот на Андреа на 66. Евросонг – пулсирачка графика и драматично светло. МРТ ќе врши директен пренос од сите три вечери.

За потребите на 66-тото издание на Евровизија, домаќинот Rai на сцената постави кинетичко сонце инспирирано од италијанскиот народ.

„Кинетичкото сонце ќе понуди динамика и трикови со светлината и ќе доминира на сцената отсликувајќи го италијанскиот темперамент: секогаш во движење, бунтовни, креативни, гостопримливи, страствени, интуитивни. Ние сме луѓето кои го носат сонцето во себе“ – опишува Франческа Монтинаро, дизајнерката на кинетичкито сонце.

Во Торино отпатува и евровизиската македонската делегација (Мери Попова, Александра Јовановска, Александар Масевски и придружните вокали Ана Петановска и Рената Кралевска).

„Се надевав на добра проба, но ова е уште подобро. Сцената е огромна и пресреќна сум. Бескрајно сум благодарна за ова искуство“ – изјави таа на официјалната прес-конференција по пробата.

„Едвај чекам да дојде 12-ти мај и да ви покажеме што имаме сработено. Ова е најпрекрасното искуство што го имам доживеано“ – со ентузијазам дополни Андреа.

Следната проба Андреа ќе ја има на 6-ти мај и тоа со целосна костимографија и шминка. 

Официјално, започна и последниот дел од големата трка за освојување на што повеќе симпатии меѓу европската публика.

Во истата вечер со Македонија, ќе пеат и Србија, Црна Гора, Австралија, Грузија, Кипар, Финска, Азербејџан, Сан Марино, Израел, Малта, Романија, Чешка, Полска, Белгија, Естонија и Ирска.

Во првата полуфинална вечер на 10 мај ќе настапат претставниците на Албанија, Бугарија, Грција, Латвија, Швајцарија, Словенија, Молдавија, Украина, Литванија, Холандија, Норвешка, Русија, Португалија, Данска, Еврменија, Австрија и Исланд.

Финалето е на 14 мај. 

Италија го доби правото на настанот следната година кога Манескин и ја донесе првата победа на нивната земја од 1990 година со песната „Zitti e Buoni“ на ланскиот натпревар во мај во Ротердам.

Раи ќе биде домаќин на Изборот за песна на Евровизија по трет пат, откако претходно го организираше настанот во Неапол во 1965 година и Рим во 1991 година. 
 
Фото: ЕБУ, МРТ