Андреа ќе пее, ама од идната година може да не нема на Евросонг, соопшти МРТ


Андреа, втора проба, Пала Олимпико, Торино

Македонската Радио Телевизија, по инцидентот кој што се случи за време на официјалната церемонија за отворање на „Евросонг 2022“, кога нашата претставничка Андреа Коевска го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих и по првичното Соопштение кое што беше објавено по реакциите на јавноста, детално ги разгледа сите аспекти за евентуалното повлекување на нашата претставничка од Евровизија. Таквиот чекор во момент кога сите рокови за повлекување се поминати би предизвикал голема финансиска штета и други санкции кои што не се за занемарување. Имено, со откажувањето би се загрозилo и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани кои што Јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодуфузна мрежа.

Македонската Радио Телевизија ќе ги преземе сите законски решенија и дисциплински мерки по враќањето на нашата делегација од Торино, откако членовите ќе ги поднесат извештаите за случувањата на церемонијата.

Поради негативниот имиџ во јавноста на проектот „Евровизија“ што предизвикува негативен публицитет на МРТ, Уредничкиот колегиум на МРТ ја разгледува можноста од следната година Македонската Радио Телевизија веќе да не учествува на Изборот за песна на Евровизија.

Андреа настапува 11. на второто полуфинале на 12 мај, заедно со Србија, Црна Гора, Австралија, Грузија, Кипар, Финска, Азербејџан, Сан Марино, Израел, Малта, Романија, Чешка, Полска, Белгија, Естонија и Ирска.

Финалето е в сабота.