Андреа ќе настапи 11-та во второто полуфинале на Евросонг во Торино


Швајцарија- ЕБУ  денеска го објави редоследот на настапите во двете полуфинални вечери, на 10 и 12 мај, во кои вкупно 35 земји ќе се натпреваруваат за пласман во финалето. 

Нашата претставничка Андреа ќе настапи 11-та во второто полуфинале на 12 мај на 66. Евросонг во Торино, Италија. Од регионот ќе настапат и Србија и Црна Гора. 

„Големата петорка“ (Франција, Германија, Шпанија, Англија и земјата домаќин, Италија) нема да настапи во ниту едно од полуфиналните натпревари, но нивната домашна публика ќе може да гласа во едно.

Редоследот на големото финале ќе го одредат продуцентите во раните утрински часови во петок, 13 мај, по второто полуфинале. Како домаќин, Италија веќе е извлечена по случаен избор за настап од 9-та позиција во сабота, на финалето,  на 14 мај.

Андреа неодамна го промовираше спотот за евровизиската Circles снимен на неколку локации во Скопје. Во тек се нејзините промотивни настани. По гостувањата во Црна Гора и Романија, следни на агендата се Лондон, Тел Авив и Мадрид.