АНБ ги презема неопходните мерки за организирано и безбеднo прифаќање на цивилно население од Авганистан


Директорот на АНБ Виктор Димовски во интервју за МИА вели дека ги презема неопходните мерки и оперативни активности за организиран и безбеден прифат на цивилно население од Авганистан, како и за навремено превенирање и спречување од можни закани и ризици. Според него, пласирањето на лажни вести и дезинформации кои имаат за цел да всејат страв и паника кај граѓаните е да разгорат национализам и да дестабилизираат, но сепак, вели тој, ваквите активности и повици не наидуваат на очекуваниот одзив што зборува за зрелоста на нашите граѓани и нивната демонстрирана емпатија и подготвеност за солидарност.

– Во овој контекст изработена е соодветна безбедносна проценка согласно која се реализира засилен безбедносен увид и контрола на прифатните пунктови, правците на транспорт и сместување. Најважно е дека граѓаните се безбедни, и немаат причини за загриженост. Засилените безбедносни мерки и интензивната комуникација со партнерските безбедносни сервиси ќе бидат континуирани за цело време на нивниот престој, а во функција за ефикасна заштита на националната безбедност, како и личната сигурност на авганистанските државјани. Мора да напоменам дека соработката досега е највисоко професионално ниво, и посветеноста од сите засегнати страни е за пофалба – вели Димовски.

Паралелно со најавите за приемот на 650 авганистанци, на одредени портали и социјални мрежи се шират и лажни вести.

– Не отфрлајќи ја политичката и безбедносната димензија, одлуката на Владата за прифат и времено сместување на бегалците е мотивирана пред се, од хуманитарни причини. Се работи за лица кои во најголем број се новинари, претставници на граѓански и мировни организации и други општествени групи и кои активно работеле на создавањето на демократско општество во нивната држава во изминатите години. Сепак, и покрај транспарентноста и целосната отвореност сведоци сме на појава на обиди за пласирање на лажни вести и дезинформации кои имаат за цел да всејат страв и паника кај граѓаните, да поттикнат ксенофобија и да разгорат национализам со нескриен мотив да ја поткопаат довербата во институциите на системот. И покрај ваквите обиди, се покажа дека ваквите активности и повици не наидуваат на очекуваниот одзив што зборува зрелоста на нашите граѓани и нивната во повеќе наврати демонстрирана емпатија и подготвеност за солидарност и помош на луѓето во неволја – додава Димовски.