Анатомска анализа на Петер Ванхојте: Оставката на Заев е чудна, локалните избори се неспоиви со парламентарните


Белгискиот експерт вели дека премиерот Заев требало да ги консултира коалициските партнери за оставката и во исто време да го предложи својот наследник 

 

Во целата врева околу исходот на локалните избори и оставката на премиерот Зоран заев, белгискиот експерт Петер Ванхојте анатомски ги сецираше фатализмите и заблудите во македонската политика и направи јасно разграничување меѓу ова гласање и парламентарни избори.

Еве што напиша Ванхојте во својата анализа:

„Изминативе денови со интерес ги следев последните случувања поврзани со локалните избори во Северна Македонија. Иако добро го разбирам тоа, ми звучи многу чудно што премиерот би решил да поднесе оставка поради разочарувачкиот исход на локалните избори. Во принцип, ова се две јасно одвоени нивоа на управување. Исходите од изборите на едно ниво не треба да имаат влијание на друго ниво. Важно е двете нивоа да се одвојат, бидејќи на севкупната кохезија на политичкиот систем во земјата и е потребна стабилност и граѓаните треба да разберат дека политиката на едно ниво не треба да има непосредно влијание на другото ниво. Замислете градоначалниците да поднесат оставки ако се разочарани од резултатот на националните избори. Дополнително, имам чувство дека одлуката на г. Заев беше јавно објавена пред да се постигне договор во неговата коалиција за ова. Како премиер, никогаш не треба да одлучите да поднесете оставка освен ако вашите коалициски партнери не се согласат со тоа, како и тоа, кои ќе бидат следните чекори, односно кој ќе ве замени како премиер.

Се разбира, целосно го разбирам разочарувањето на Заев – разочарување од функционирањето на сопствената партија, разочарување од немањето напредок во однос на влезот во ЕУ, разочарување од функционирањето на некои од неговите коалициски партнери… Сето тоа тоа се валидни причини зошто премиерот може да одлучи да поднесе оставка. Но, ве молам, во таков случај, доколку сакате да поднесете оставка, информирајте ја јавноста дека одлучивте да поднесете оставка од лични причини.

Во меѓувреме, не треба предвремени избори, туку да се продолжи понатаму, прво-фокусот да се стави на националните приоритети: економски развој, подобрување на здравствениот систем – да, свесен сум дека повеќето политичари ги користат приватните клиники, наместо јавниот здравствен систем и како резултат на тоа, многу од нив веќе не ни знаат колку навистина е проблематична состојбата таму, поради недостиг на инвестиции и ниски плати на здравствените работници – подобрување на образовниот систем на сите нивоа , и поддршка за развојот на перспективен земјоделски систем, овозможувајќи им на земјоделците да останат во нивните села и промовирање на производството и извозот на висококвалитетни производи во Европа, покрај тоа што му служи на локалниот пазар“, вели Ванхојте.

Тој дава и одредени совети како би требало да се одвиваат натамошните преговори со Бугарија:

„Знам дека има потреба од посредување во однос на спорот со Бугарија, но на ова треба да се пристапи на креативен начин, а не да се следат класичните начини на медијација, бидејќи тоа нема да даде никакви резултати. Креативно овде значи различно, со фокус на реалните потреби на граѓаните на Северна Македонија и земајќи ги предвид заедничките интереси на Бугарија и Северна Македонија, како и учење да се разбере минатото и како да се остави зад себе. Време е да гледаме напред и да работиме на подобра иднина за сите граѓани. И, конечно, да се согласиме дека проблемите што ги гледаме повторно не се исклучива одговорност на едната или другата политичка партија, тоа е проблем на системот кој е нефункционален, бидејќи се заснова на клиентелизам, систем заснован на покровителство: ако гласаш за мене, ако ме поддржуваш мене и мојата партија, јас ќе направам нешто за тебе за возврат (да ти дадам пари, работа, да се погрижиш твоето дете да добие диплома, да ти договори пензија итн.) Во принцип, клиентелизмот може да се гледа како претходник на добро функционална демократија, во таа смисла нема ништо лошо, бидејќи тоа докажува дека политичарите се грижат за граѓаните. Сепак, клиентелизмот е некомпатибилен со функционална демократија, бидејќи не ги третира сите граѓани подеднакво. Сите страни треба да го стават како врвен приоритет промената на системот на клиентелизам. Да се изгради фер демократија, каде што сите граѓани имаат еднакви права и еднаков пристап до услугите, а политичарите ќе бидат во служба на граѓаните. И да не се чека утре или наредни избори, бидејќи ни избори нема да го сменат системот, туку да се почне да се работи на ова сега“, вели Петер Ванхојте.