Анализа од Германија: Вучиќ може да го снајде судбината на Борисов


Санкциите на САД против важни луѓе во Бугарија би требало да биде аларм за Вучиќ, оценува Јохана Дајмел

Ѕвездата на Александар Вучиќ темнее и на меѓународно и на домашно ниво, оценува Јохана Дајмел. И познатиот руски новинар Генадиј Сисоев има слично мислење

 

Иако во јавноста можеби тоа не изгледа така, но ѕвездата на Александар Вучиќ темнее и на меѓународно и на домашно ниво, па дури и во неговата партија. Ова го вели Јохана Дајмел, еден од најголемите експерти во Германија за случувањата на Балканот, во разговор за белградскиот весник „Данас“.

Според неа, кривичната пријава на Вучиќ против самиот себеси околу настаните со озлогласениот криминалец Вељко Беливук е „многу вознемирувачка“.

„Каква кралица на драмата. Пред сѐ, мислам дека тоа е знак за неговото длабоко непочитување на правосудството. Колку е арогантен и ‘вообразен праведник’. Се добива впечаток дека се чувствува недопирлив и ги предизвикува своите наводни непријатели од организираниот криминал да заземат јавен став“, наведува Дајмел.

Таа наведува дека работите се менуваат, особено по промената во Белата куќа во Вашингтон. „Погледнете само што се случува во Бугарија, како се откриваат скандали поврзани со прислушувањето, корупцијата и непотизмот во изминатите неколку недели, што следува по веќе познатите афери со кои е поврзан поранешниот премиер Бојко Борисов. Преодната влада ги открива овие скандали речиси секој ден, што значи дека постои слаба толеранција и поддршка за таквите политичари во регионот“.

Дајмел прави јасна паралела меѓу настаните во Бугарија и Србија: „САД воведоа санкции против многу важни луѓе во Бугарија, кои мора да послужат како ‘аларм’ за Вучиќ, имајќи го предвид фактот дека од крајот на септември Ангела Меркел, една од поддржувачите на неговата ‘реалполитика’, повеќе нема да биде на власт и, судејќи според сѐ што покажаа досега анкетите на јавното мислење, ќе се формира нова владејачка коалиција, во која Зелените речиси сигурно ќе играат важна улога“, посочува Дајмел. Германските Зелени изјавија во нивната изборна програма дека „постојано ќе се залагаат за санкции во согласност со механизмот за владеење на правото“ и дека човековите права се меѓу нивните основни принципи, вклучително и забраната за камери за видео надзор што ги препознаваат лицата на луѓето. „Како оние што Вучиќ веќе ги купи од Кина и кои ги користи нашироко“, вели Дајмел.

Неколку дена пред Дајмел за развојот на политичката ситуација во Србиа зборуваше познатиот руски новинар Генадиј Сисоев, дописник на весникот „Комерсант“. Во разговор за Радио телевизија Црна Гора, Сисоев рече дека министерот за одбрана, Небојша Стефановиќ нема сила да го замени Вучиќ, но српскиот лидер е свесен дека во догледно време тој може да биде алтернатива, па оттаму доаѓаат жестоките напади на провладините таблоиди против Стефановиќ.

И Дајмел вели дека Стефановиќ нема моќ успешно да го замени Вучиќ, но дека е јасно оти постои немир во рамките на Српската напредна партија. Сисоев, пак тврди дека Стефановиќ има добри врски со САД и дека тоа Вучиќ многу добро го знае.

Сисоев оценува дека Запад е на патот да го пушти Вучиќ низ вода. „Ако не е црвен, но веќе има жолт картон за Вучиќ од меѓународната заедница. Срската напредна партија дојде на власт со помош на Запад, пред сѐ Германија, но враќањето на САД со Бајден на Балканот ќе има големо влијание врз регионот“.

Според Сисоев, информациите за наводната поврзаност на Вучиќ, неговото семејство и на министерот за внатрешни работи Александар Вулин со бандата на Беливук може да влијае врз развојот на настаните во Србија. „Тоа зависи колку долго ќе трае скандалот со Беливук. Ако потрае до напролет кога ќе има избори сигурно ќе има влијание и политичкиот врв на Србија е свесен за тоа“. Па, вели Сисоев, не би било неочекувано српскиот врв да предизвика криза на границата со Босна и Херцеговина и да се претстави како „заштитник на браќата“. (Н.В.)