Анализа на угледниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“: Како ЕУ да се однесува кон Балканот?


Дописникот на угледниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за југоисточна Европа Михаел Мартенс анализираше како Европската Унија треба да се однесува кон Западен Балкан.

На почетокот на текстот „Што да се направи со Балканот? (Was tun mit dem Balkan?” потсети дека Хрватска засега стана последна членка на ЕУ, а пред неа во 2007 година членки станаа и Романија и Бугарија покрај тоа што не го постигнаа најважното – владеењето на правото.

На примерот на Северна Македонија напоменува дека проширувањето на ЕУ содржи многу, како што наведува, политички замки кои не се поврзани со тоа колку државата е делотворна во реформите. Иако го смени името на земјата како услов за почеток на преговори за членство, Северна Македонија сè уште не почнала со тоа. Прво ја стопираше Франција, а потоа Бугарија.

Мартенс ја издвојува пораката на претседателот Емануел Макрон во текот на посетата на Белград во 2019 година дека овие држави нема да станат членки додека не се реформираат, како и студијата на берлинската Фондација за наука и политика (SWP) од 2005 година. Во студијата се поставува прашањето дали членството во Унијата навистина е единствена гаранција за стабилност во овој дел од Стариот континент.

„Во студијата „ЕУ и Западен Балкан: Од Дејтон до Брисел – дали е предолго?“ забележителен е сè поголемиот умор од проширување. Тоа им отежнуваше на политичарите да ја оправдаат предноста од ширењето на ЕУ на Западен Балкан. Преоптовареноста на институциите на Унијата, како и заканата на политичката и економската кохезија на државите членки се чести факти во расправата. Дали полноправното членство во тие држави е единствената можна опција за долгорочна стабилност“, цитира делови од студијата дописникот на „ФАЦ“.

Со оглед на претходно наведеното, се поставуваат две прашања. Како ЕУ да се однесува кон регионот и како да одговори на влијанието на ривалите како Русија, Кина и Турција?

Па, исто така, потсетува дека поранешните челници на Хрватска Стипе Месиќ, Србија Зоран Живковиќ, Македонија Борис Трајковски и Албанија Фатос Нано, дадоа свој предлог објавен во „Њујорк тајмс“.

Имено, тие предложија сите држави од Западен Балкан да учествуваат во Кохезивниот фонд на Унијата кој сега е наменет само за земјите членки на ЕУ. Кога тоа би се случило, тогаш тие би се сметале за членки само финансиски, но без право на глас.

Шефот на SWP Душан Рељиќ смета дека пристапот на овие држави, како што наведува, до структурата за финансирање може да биде значаен за нив. Тие имаат пристап до парите од претпристапната помош на ЕУ, но средствата од Кохезискиот фонд се многу поголеми.

Рељиќ предупредува дека овој дел од Европа нема да може да се носи со се поголемиот предизвик ако нема повеќе пари. Нагласува дека Западен Балкан има крајно негативни демографски трендови и дека тоа може дополнително да се влоши ако ЕУ не преземе ништо.

 

„Значителен дел од економскиот раст кој го имаат Романија и Бугарија во последните неколку години се случи поради пристапот до структурите и Кохезискиот фонд на ЕУ и покрај падот на бројот на жители во тие држави“, укажа Рељиќ.

За него овој дел од светот нема да има владеење на законот се додека во него не дојде до раст на средната класа. Средната класа се смета за услов во либералните демократии.

Но, Мартенс забележува дека пристапот до големи пари не значи нужно и благосостојба. Како аргумент за тоа го наведе примерот на Грција. Врз основа на тоа заклучи дека парите од ЕУ треба да бидат достапни за западноевропските земји дури тогаш кога ќе ги спроведат реформите кои се проверливи. Значи, по секоја реформа да се дадат пари, а да се скратат ако ги нема.

Авторот на текстот го проблематизира и прашањето за извештаите на ЕУ за напредокот на земјите кон членство. Меѓу другото, ја издвојува честата забележшка дека во извештајот не се доволно јасни делови кои би требало да бидат.

Во врска со тоа, Мартенс го наведува мислењето на италијанскиот политолог Матео Бономи од 2017 година, како и други кои предлагаат правење каталог на задачи и критериуми за преговарачките поглавја.

Бономи укажува дека Европската комисија во своите извештаи мора конкретно да наведе луѓе и дејства со кои се подрива владеењето на правото. Мартен очекува дека тоа би можело да биде силен политички притисок за домашните влади.