Анализа на „Пари“: Придонеси за државата, здравје „на приватно“ – парадоксот на системот


Кој може да плати, без размислување се определува за услугите на приватното здравство. Приватните болници се избор и на тие што немаат вишок средства, особено кога се работи за одделни интервенции за кои се плаќа партиципација. А, и кога нема таква можност, се подигнуваат банкарски кредити. Руинираното јавно здравство, без оглед на стручноста на преостанатиот медицински кадар, не ги задоволува потребите на пациентите, кои реалноста одамна ја преточија во виц: „Донесовте пиџама, влечки, газа, лекови? Да, носам и доктор ако случајно немате“.

Таквата ориентација за речиси 12 милиони евра ги зголеми приходите на седум приватни здравствени установи: „Аџибадем Систина“,„Жан Митрев“, „Неуромедика“, „Ремедика“, „Плодност“ од Битола, „Д-р Органџиски“ од Штип и „Санте плус Груп“. Во текот на минатата 2024 година, граѓаните за здравствените услуги што ги добиле од нив платиле 102,4 милиони евра – преку придонесите во ФЗОМ или директно. Една година претходно, износот бил 90,7 милиони евра. Треба да се напомене дека освен македонските граѓани, помош бараат и голем број пациенти од Косово.

Анализа на нивните финансиски резултати, што ја направи порталот Пари користејќи ги податоците од БизнисМрежа, покажува дека и овде работењето е проследено со подеми, падови и пресврти. Притоа, може да се констатира: „Систина“ ја зацврстува водечката позиција, „Жан Митрев“ по загубите се враќа во позитива, „Ремедика“ има стабилен развој, „Неуромедика“ се движи по блага удолнина, „Плодност“ полека, но сигурно расте, кај „Д-р Органџиски“ растот е забрзан, а „Санте плус“ е во фаза на драматичен пад.

Најголеми приходи и трошоци

И во 2024 година „Систина“ е неприкосновена од аспект на приходите, кои достигнуваат безмалку 64 милиони евра. И, за 10,97 насто се поголеми во споредба со остварените во 2023 година. Всушност, овој резултат е подобар и од регистрираните во Ковид-кризата, која беше „златно време“ за приватното здравство.

Во овој сегмент, со процентуалниот раст на приходната страна од 85,17%, се издвојува „Плодност“. А, сумата од 5,6 милиони евра е највисока во последниот петгодишен период.

И „Д-р Органџиски“ може да се пофали со приливите, чија годишна промена е +43,98%. Приходите на штипската болница се во континуран петгодишен раст, а лани достигнале 1,8 милиони евра

И „Жан Митрев“ има солиден годишниот раст од 20,68 проценти. Приходите се зголемиле од 16,9 милиони во 2023, на 20,4 милиони евра лани. Во периодот од 2020 па наваму, за приходите на оваа Клиничка болница најповолна била 2021 година, кога се инкасирани 32,5 милиони евра.

Вкупните лански приходи на „Ремедика“ се во износ од 9,1 мили евра. Регистрираната годишна промена е 14,34 проценти (8 милиони евра во 2023). И во овој случај, најголемите приливи (9,9 милиони евра) од обезбедените услуги за пациентите се запишани во 2021 година.

Пониски приходи за 11,66 отсто има „Неуромедика“. Се работи за сума од 916,4 илјади евра. За споредба, преклани износот бил еден милион евра и е најголем во последниве четири години.

Минус од 43,19% кај приходите бележи специјалната болница за гинекологија, акушерство и ортопедија „Санте плус Груп“. Од 2020 година наваму нема понизок износ од ланските 708 илјади евра.

Приватните здравствени установи имаат и сериозни трошоци, чија заедничка вредност е 92,5 милиони евра и за една година нараснала за безмалку 10 милиони евра. Нивните расходи лани се движеле од 697 илјади во „Санте плус“ до 56,8 милиони евра во „Систина“. Всушност, „Санте плус“ (-30,55%) и „Неуромедика“ (-1,31) се единствените две болници кои успеале да ги скратат давачките.

Во „Ремедика“ трошоците се зголемени за 6,58%, во „Плодност“ за 9,04%, во „Жан Митрев“ за 12,13%, во „Систина“ за 12,76%, а предничи „Д-р Органџиски“ со плус 35,62%.

Штипската приватна здравствена установа за една година ја зголемила добивката за респектибилни 248,04%. Всушност, во последниве пет години профитот на „Д-р Органџиски“ осцилира, а врвот бил во 2022 година.

И во битолската специјална болница може да се задоволни со оплодувањето на добивката за 85,17%. Во 2024 „Плодност“ го остварил највисокиот профит во последната петолетка, од близу 870 милјади евра.

Висок процентуален раст од 65,63% има и кај „Ремедика“, при што е достигнат износ од 1,4 милиони евра.

Профитот на „Систина“ е речиси на истото ниво како и во 2023 година, со тоа што ланскиот е понизок за 1,27 отсто. На рамномерната линијата на добивката, има едно поизразено отскокнување – во 2021 година, кога ќарот бил 17,4 милиони евра.

Особено интересен е пресвртот кај „Жан Митрев“. По двегодишниот период на загуби, лани го „разби малерот“ и забележа симболична, но позитивна добивка од 114,5 илјади евра. Во овој поглед клиничката болница памти и подобри времиња, како на пример, 2021 година со финансиски резултат од 9,2 милиони евра.

Најголемиот пад, пак, е запишан кај „Санте плус“ од 99,39%. Од скоро 220 илјади евра во 2023 година, лани добивката се спуштила до 1.345 евра.

Од друга страна, „Неуромедика“ има пад на добивката од 75,03%. Сепак, останува во позитивната зона со регистрираните 33,3 илјади евра.

Највисоки се платите во…

„Систина“ е најголемиот работодавач меѓу овие здравствени институции. Тимот минатата година броел 1.144 вработени. Споредено со 2023, има промена од 4,67%, или повеќе за 51 ангажирано лице. Во овој поглед расте и „Жан Митрев“, чиј кадар од 301 вработен, повторно се врати на нивото од 2020 година. Во меѓувреме имало мали осипувања, но последната годишна разлика е за 14,89%.

Што се однесува до „Плодност“, таму за една година имало седум нови вработувања (+6,48%). А, кај „Д-р Органџиски“ биле пополнети уште две работни позиции (+5,56%).

Дека „Санте плус“ минува низ криза, покажува и намалувањето на кадарот, за 24,24%. Притоа, дојдени се до најниското ниво во однос на другите четири последователни години и во 2024 тимот броел 25 вработени. Опаѓање на персоналот бележат и „Ремедика“ за -3,03% (192 вработени), и „Неуромедика“ (-4,35%), која функционира со најмалку вработени – 22.

Кога станува збор за платите, највисоки се примањата во „Жан Митрев“. Просечно исплатената плата во 2024 била 105.609 денари. Но, првпат има пад од скоро 4%. Спротивно на тоа, „Систина“ ја зголемила просечната плата за 7,9%. Извесни зголемувања има и кај другите четири приватни болници „Плодност“ (4,03%), додека „Неуромедика“ (4,13%), „Д-р Органџиски“ (4,85%) и „Ремедика“ (7,36%).

Само во „Санте плус“ месечните примања се скратени за 40,85%. А, просечната плата е изедначена со минималната.

(Не)рамнотежа меѓу трошоците и приходите 

Профитната маржа е показател кој го мери делот од приходите што останува како добивка по покривањето на сите трошоци. Колку е повисок процентот, толку е поефикасна и попрофитабилна фирмата.

Од тој аспект, кај „Систина“ е забележлива конзистентна профитабилност, со маржи околу 10% секоја година. Секако, освен исклучителната пандемиска 2021 (32,73%).

Трендот е променлив кај „Жан Митрев“. Маржата била многу висока во 2020 и 2021, а потоа оди во минус (-2,24% во 2022), па потоа повторно во плус. Овие податоци упатуваат на нестабилност, но и на опоравувае.

Рамнотежата меѓу трошоците и приходите ефикасно се одржува во „Ремедика“, каде што има умерен раст и стабилност. Нето-профитната маржа во петте години се движи од над 12% (2020) до над 15% во 2024. Во овој сегмент се издвојува 2021 со 23,48%.

Ефикасноста е влошена кај „Неуромедика“. Од 15,70% (2021) и 12,87% (2023), лани профитната маржа била сведена на само 3,67%.

Уште полоша е состојбата во „Санте плус“, каде што има голем расчекор од од 38,79% во 2022 на минимални 0,22% во 2024 година.

Осцилации има и во „Д-р Органџиски“. Драстичен е падот од 23,30% (2022) на 3,40% (2023). По што следи минатата година уследил благ раст на 8,24%.

Во овој дел позитивен е примерот на битолската „Плодност“. Линијата на растот е постојана и стабилна – од 6,82% во 2020 до ланските 15,79%.

Податоците се потврда за реалноста на македонскиот здравствен систем, во кој јавниот сегмент речиси и не може да се смета за конкуренција на приватниот. Чија голема предност е можноста за инвестирање во иновации, во кадар и инфраструктура. Или, го има сето тоа што му недостасува на јавното здравство, а е важно за стекнување на довербата на пациентите, кои сѐ повеќе одат „на приватно“, зашто здравјето нема цена.

Целата објава на следниот ЛИНК