Анализа: Каде најмногу купуваат онлајн Македонците во странство, а од каде најмногу се купува од домашните е-трговци?


Македонските граѓани во 2024 година со своите платежни картички во странство потрошиле за онлајн пазарење 284.4 милиони евра во 7.4 милиони трансакции, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн. Во однос на 2023 година Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2024 година потрошиле 45.4% повеќе додека бројот на е-трансакциите е зголемен за 61.4%, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија – АЕТСМ изработена врз база на објавените податоци од Народната банка.

Каде и колку купуваат онлајн македонските иматели на платежни картички од странски е-трговци?

Просечната трансакција изнесува 38.6 евра и е помала за 10% во однос на 2023 година. Притоа 74% од вредноста и 67% од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Ирска, Унгарија, САД, Грција, Луксембург, Литванија и Германија. Во 2024 година Македонците оствариле наголема вредност на е-трансакции од 41.9 милиони евра во Холандија додека најголем број на трансакции од 1.37 милиони направиле во Ирска. 

Најголем пораст на бројот на е-трнасакции во 2024 во однос на 2023 е забележан во Грција (207.9%), Литванија (162.1%) и Ирска (140,7%) додека на вредноста на направените трансакции најголем пораст има во Литванија (221.7%), Ирска (58.7%) и Обединето Кралство (58.6%). Пад е забележан кај бројот на е-трансакциите од 65.6% и кај вредноста за 3.2% кон Германија. 

Mакедонците во 2024 година потрошиле најмногу пари во Холандија (41.9 милиони евра), додека во Ирска направиле најголем број на трансакции (1.37 милиони). 

Највисока просечна вредност на е-трансакција македонските граѓани оставриле во Германија 214.2 евра, додека во Луксембург направиле најниска просечна трансакција од 14.1 евра.  

– Растот остварен во 2024 година во однос на минатата година изнесува 45.4% скоро ист пораст како и во 2022 година (46%) спрема претходната. Најмногу Македонците како и секоја година направиле трансакции кон Холандија во вредност од 41.9 мил. евра, Обединето Кралство 40.7 и Ирска 33.7 мил. евра. Истото е очекувано ако се има предвид дека од овие земји имаат седиште Booking.com, Netflix и Uber за Европа (Холандија), ASOS, Amazon UK(Обединето Кралство), додека највисокиот остварен број на трансакции од Македонци во Ирска, како и пораст на вредноста од 58.7% во однос на минатата година се должи на тоа што таму сe регистрирани, Meta и Google. Онлајн купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резеравции во хотели, авиони или социјални медиуми, може да влијае позитивно и за домашните е-трговци со оглед дека се работи за менување на навиките и зголемено користење на онлјан купување воопшто. Од друга страна зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите, вели претседателката на АЕТСМ, Нина Ангеловска.

Од каде и колку купуваат онлајн странските иматели на платежни картички од македонските е-трговци?

Согласно објавените податоци од НБРСМ, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2024 година потрошиле 37.2 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од 38.7%. Остварената вредност која странските онлајн купувачи ја направиле кон домашните е-трговци во 1.2 милиони трансакции бележи пораст од 44% во однос на 2023 година. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2024 година 52.6% припаѓаат на иматели на платежни картички од 9 земји.  6.3 милиони евра или 17% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 3.5 милиони евра од Швајцарија и 2.4 милиони евра од Германија. Потоа следат Ирска со 1.85 мил. евра, Турција 1.75 мил. евра и соседите Косово и Србија со 821 и 814 илјади евра. Најголем пораст и на вредноста и на бројот на трансакциите е остварен од ирските иматели на платежни картички, на сметка на намалување на вредноста и бројот на имателите на платежни картички од Обединетото Кралство.

Вредноста на е- трансакциите од странство зголемена за 39 отсто, додека бројот за 44 отсто

– Е-трговијата овозможува купување на производи и услуги од било кој крај на светот. Остварениот годишен пораст од 39% на вредноста на е-трансакциите направени од странци кон домашните е-трговци и остврени 37.2 мил. евра покажува дека македонските е-трговци треба да го искористат уште повеќе овој потенцијал. Од анализата се гледа дека најмногу онлајн трансакции направени од странски иматели на платежни картички како по број така и по вредност се направени од земји каде што има македонски иселеници што нѐ упатува на претпоставка која е основа за понатамошно истражување дека нашите иселеници се повеќе го користат овој канал за купување на производи и услуги на своите блиски од македонските е-продавници. Очекувањата се и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од странство што исто така е придонес за развојот на македонската е-трговија, истакнува преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска.