Анализа: Февруари покажува тренд на намалување на загаденоста на воздухот во Скопје


Од 2017 година наваму има контиунуиран пад на вредностите кои покажуваат колку е загаден воздухот во Скопје, покажува најновата анализа на податоците од пет мерни станици низ главниот град. 

По охрабрувачките вести од анализата на резултатите на загадувањето на воздухот во јануари во Скопје, споредено со истиот период од претходните години, изготвена е анализа и за февруари.

Со споредувањето на нивото на ПМ10 честички и бројот на денови на надминување може да се заклучи дека позитивните трендови на опаѓање продолжуваат. 

Сепак, ова не значи дека во некои денови, особено во ноќните часови не се забележани високи концентрации на ПМ 10 честичките, а такви имаше неколку во текот на февруари во Лисиче, но и во останатите делови на главниот град, кога вредностите надминуваа и 400 микрограми на метар кубен.

Од графиконите забележливо е дека во сите мерни станици поставени во централното градско подрачје (Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат) има континуитет во намалувањето на загадувањето во последниве години – 2018, 2019, 2020 и 2021. Како пример, најзагадениот ден со максимална средно дневна концентрација на ПМ10 во Општина Карпош е од 471 микрограми на метар кубен во 2017-та, додека оваа година бројката е повеќе од четири пати намалена, односно изнесува 100 микрограми на метар кубен. Во 2021-ва Карпош и Гази Баба го бележат најниското ниво на максимална средно дневна концентрација на ПМ10 честички од 2015-та, односно од моментот кога започнуваат мерењата за концентрација на ПМ10 честички во воздухот. Исти или слични резултати се измерени во сите државни мерни станици во Скопје.

При анализа на податоците за февруари, вклучувајќи ги сите државни мерни станици во централното градско подрачје, по драстичниот пад во 2018-та година, сведоци сме на постепено и континуирано намалување на нивото на максималната вредност на ПМ10 во воздухот.

Доколку пошироко се анализира темата и бројките кои се однесуваат на неа и направиме пресек на годишно ниво, ќе видиме дека падот на нивото на ПМ10 честички на метар кубен е посебно видлив последната 2020-та година. Имајќи го превид фактот дека и јануари и февруари (односно најзагадените месеци) од 2021-ва има дополнително намалување на бројките, може да се очекува дека 2021-ва ќе биде подеднакво охрабрувачка. Тоа што е посебно значајно е дека овие податоци се индикација дека се преземени вистински чекори во насока на надминување на овој проблем долгорочно.

Очекувано е дека политиките насочени на намалување на загадувањето не можат да дадат резултати преку ноќ, но токму затоа ваквите податоци се вистинска индикација дека треба да се продолжи со преземените активности за истите доведат до посакуваната цел, Скопје и скопјани да дишат чист и здрав воздух.