Аналена Бербок бара ЕУ да го напушти принципот на консензус, особено за Балканот


 

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок изјави дека на Европската унија и е потребна стратешка акција по прашањето за проширувањето кон Балканот и интеграцијата на Украина и Молдавија. Таа изјави и дека ЕУ мора да ги реформира институциите, особено да се откаже од принципот на консензус во надворешната политика.

„Украина ги штити и вредностите на Европа. Затоа ЕУ не може да ја тресна вратата за Украина. Што се однесува до статусот на кандидат, повеќе е прашање дали сме способни да дејствуваме стратешки, а не бирократски, во овој историски момент“, рече Бербок.

Според неа, војната во Украина е историски пресврт на нашиот континент.

„Одлуките што ќе ги донесеме ќе ги одредуваат односите во Европа уште долго време, дури и ако процесот на пристапување е долг и тежок. Истото важи и за нашите пријатели во Молдавија“, напиша германската министерка на Твитер.

Таа ја спомена и потребата од преземање натамошни чекори во интеграцијата на балканските земји во ЕУ, „во спротивно Русија ќе ги преземе тие чекори“.

Бербок изјави дека нема да биде доволно само да се постават дополнителни столчиња во Брисел за состаноците на претставниците на земјите-членки.

„Време е ЕУ да продолжи да се гради, вклучително и напуштање на принципот на консензус во надворешната политика“, напиша таа.

Принципот на консензус се користи во Советот на ЕУ при донесување одлуки во многу области на политиката. Посебно се користи во надворешно-политичките одлуки кои се обврзувачки за цела ЕУ – во овој случај потребна е согласност од сите земји-учеснички, што често доведува до одложување на одлучувањето или нивна значајна ревизија. Таков е и случајот со одредувањето на датумот за првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија.