Ана Винтур за „Економист“: Ја прашуваа за Меланија, одговараше за Мишел


САД – Главниот и одговорен уредник на американскиот „Вог“, Ана Винтур, неодамна избегна да одговори на прашање за стилот на Меланија Трамп.

Во новото интервју за радиоемисијата на „Економист“, новинарката која го водеше интервјуто, Ен Мекелвој, истакна дека таа верува дека Меланија многу свесно се одлучила да носи облека од британски дизајнери за време на официјалната посета на Велика Британија минатиот месец.

Кога Мекелвој побара од Винтур да го даде своето мислење за неодамнешните модни избори на Меланија, таа на тоа одговори со пофалби за стилот на поранешната прва дама Мишел Обама.

„Па, мислам дека првата жена Мишел Обама навистина беше толку неверојатна во секоја одлука што ја направи поврзана со модата“, рече Винтур. „Таа ги поддржуваше младите американски дизајнери. Таа всушност ги поддржуваше дизајнерите од целиот свет. Таа беше најдобриот амбасадор што оваа земја би можела да ја има за многу работи, не само за модата“, додаде Винтур.

„Но таа повеќе не е прва дама. Што велите за сегашната?“ инсистираше Мекелвој на одговор.

„За мене Обама е примерот на кој се восхитувам“, одговори Винтур.

Претходно оваа година, претставникот на првата дама изјави за Фокс њуз дека појавувањето на насловната страница на модното списание не ја дефинира, откако Винтур им кажа дека не е заинтересирана да ја има Меланија во нејзиниот магазин.

„Да се ​​биде на насловната страница на „Вог“ не ја дефинира госпоѓата Трамп, таа веќе била на таа насловна, и тоа многу пред да стане прва дама“, рече портпаролката Стефани Гришам во април.

„Нејзината улога како прва дама на Соединетите Американски Држави и сè што прави таа е многу поважно од некаква површна фотосесија и насловна страница“, рече Гришам. „Ова само уште повеќе демонстрира колку е пристрасна индустријата на модните списанија и покажува колку е всушност несигурна и ограничена Ана Винтур“, додаде таа.

Ставот на Меланија дојде откако Винтур беше запрашана од Кристијана Аманпур од Си-ен-ен зошто „Вог“ ги има сите први дами и жени лидери на насловната страница. Аманпур избегна да спомене зошто сегашната прва дама и поранешен моден модел, е изоставена од модното списание откако таа престојува во Белата куќа, додека неодамнешните први дами на Демократската партија, Мишел Обама и Хилари Клинтон, се најдоа на насловните страници.

„Треба да се залагате за она во што верувате и мора да заземете свој став“, изјави Винтур за Аманпур објаснувајќи за тоа како таа ги одбира насловните лица. „Профилираме жени во списанието во кои веруваме и во ставот дека тие ги преземаат прашањата што ги поддржуваме и сметаме дека тие се лидери“, додаде таа.

Мишел Обама досега беше три пати насловната страница на „Вог“ додека таа беше прва дама, а Хилари Клинтон беше на насловната во 1998 година со наслов „Извонредната Хилари Клинтон“.

Меланија се појави на насловната страница на списанието во 2005 година, кога се омажи за Доналд Трамп.