Ана Винтур унапредена, сега е глобален уредник на 25 изданија ширум светот


САД- Ана Винтур , уредничката на американскиот Вог, беше унапредена во Конде Наст, неколку месеци откако призна дека дозволила „штетно и нетолерантно“ однесување и не сторила доволно за да ги промовира  црномурестите дизајнери и модели.

Винтур сега ќе биде главен директор за содржина на компанијата и глобален уредник на „Вог“, додека продолжува да го надгледува американското издание.

Британскиот уредник ќе ги води уредничките тимови на компанијата низ сите 25 глобални изданија, освен „Њујоркер“.

Овој потег доаѓа по тешките месеци за Конде Наст, проследени со отпуштања и немири во персоналот заради проблеми со различностите.

71-годишната Винтур, родена во Лондон, една од најмоќните луѓе во светот на модата, беше обвинета во текот на летото дека ги оставила на страна и ги омаловажувала црномурестите вработени за време на нејзините 32 години на чело на американскиот Вог.

Среде пресметката за расизмот во САД по смртта на Џорџ Флојд, Винтур ја презеде одговорноста и вети дека ќе направи подобро.

„Сакам јасно да кажам дека знам дека Вог не најде доволно начини да ги воздигне и да им даде простор на црномурестите уредници, писатели, фотографи, дизајнери и други творци“, напиша таа во е-пошта до вработените.

„И ние направивме грешки, објавувајќи слики или приказни кои биле штетни или нетолерантни. Ја преземам целосната одговорност за тие грешки “.

Група од 18 црномурести новинари, кои работеле со неа во текот на годините, одговорија обвинувајќи ја дека ги фаворизира вработените кои се „слаби, бели и од елитно потекло“ во еден текст објавен од Њујорк Тајмс.

Таа е главен уредник на на американскиот Вог  од 1988 година и стана советник за глобална содржина на Condé Nast во 2019 година.

Со децении е претседател на Мет Гала во Метрополитен музејот на уметност во Њујорк и го инспирираше ликот што го игра Мерил Стрип во филмот „Ѓаволот носи Прада“ од 2006 година.

Во меморандумот до вработените, Роџер Линч, главен извршен директор, рече: „Назначувањето на Ана претставува клучен момент за Конде Наст , и нејзината способност во поврзувањето со новата публика, истовремено култивирајќи и менторувајќи го најсветлиот талент на денешницата во индустријата, ја направи една од најистакнатите директори во медиумите “, рече Линч.

Г-дин Линч во едно интервју рече дека компанијата сега заработува помалку од половина од своите приходи од рекламирање на страниците на своите печатени списанија и дека ќе има притисок кон дигиталните изданија.