Ана Андреева го наследи Марјан Забрчанец во комуникацискиот тим на Владата


Ана Андреева има долгогодишно искуство на менаџерски позиции во комуникциите

Во врвот на комуникацискиот тим на Владата доаѓа до промена неполн месец откако беше изгласан кабинетот на новиот премиер Димитар Ковачевски. Од позицијата секретар за комуникации и јавни политики си заминува Марјан Забрчанец, кој ја извршуваше таа должност од август 2017, кусо по формирањето на првата влада на Зоран Заев. Забрчанец беше национален координатор за стратегиски комуникации во Владата.

На негово место доаѓа Ана Андреева. Таа од денеска ќе биде одговорна за комуникациите и односите со јавност во Владата, соопштија од владината прес-служба.

Ана Андреева има долгогодишно професионално искуство на извршни менаџерски позиции во сферата на комуникациите во маркетинг агенциите и во граѓанскиот сектор. Последната нејзина подолга активност е во Фондацијата „Отворено општество“, каде што работела како координатор за комуникации од декември 2017 до декември 2021 година.

Марјан Забрчанец раководеше со тимот за комуникации од август 2017 година

Од прес-службата на Владата упатуваат благодарност и признание до Марјан Забрчанец за целокупниот труд и ангажман и за резултатите во создавањето и развојот на актуелниот професионален комуникациски сервис на Владата. Забрчанец во наредниот период ќе биде ангажиран во Владата за менаџирање процеси и проекти посветени на унапредување на регионалната соработка на Северна Македонија.