Амстердам забрани крузери: Време е да се направи нешто, климата нема да чека


Градските власти на Амстердам со огромно мнозинство одлучија да го забранат влезот на бродовите за крстарење во центарот на градот.

Забраната за крузери е уште една во низата мерки за борба против масовниот туризам и зголеменото загадување на воздухот.

Терминалот IJ на пристаништето во Амстердам, во близина на главната железничка станица, ќе мора да се премести по оваа одлука.
<

„Крузерите што загадуваат не се компатибилни со одржливите цели на нашиот град“, рече левичарската политичарка Илана Рудеркерк во четвртокот вечерта кога беше донесена одлуката.

„Време е да се направи нешто, климата нема да чека“, посочи таа.

Студијата на истражувачкиот институт CE Delft покажа дека еден брод за крстарење во пристаништето во Амстердам во еден ден испушта загадување колку 31.000 камиони на градскиот автопат.

Партијата на власт во градот го истакна примерот на Венеција, која ги забрани големите бродови за крстарење од 2021 година. Неодамна објавената студија покажа дека оттогаш емисиите се намалени за 80 проценти.

Оваа одлука не е изненадување бидејќи првите разговори започнаа во 2016 година.

Колку брзо ќе се имплементира оваа промена останува отворено бидејќи треба да се изгради нов терминал надвор од градот.

Секоја година околу 20 милиони туристи го посетуваат градот со околу 800 илјади жители.

Иако 300.000 патници од бродови за крстарење е релативно мал дел од вкупниот број, градот сака да испрати јасен сигнал со забраната.