Аморим е добро заштитен доколку Јунајтед реши да го отпушти на лето


 Рубен Аморим има многу тешки први месеци во Манчестер Јунајтед и иако се чини дека неговата работа во моментов не е директно загрозена, се зголемуваат критиките дека тимот не забележува напредок под негово водство.

Неодамна се дозна дека клубот им платил на поранешниот менаџер Ерик тен Хаг и на неговиот персонал 10,4 милиони фунти како компензација откако ги отпушти во октомври. Според „Сан“, евентуалното обештетување за Аморим и неговиот тим ќе биде уште посериозно доколку управата на лето одлучи дека Португалецот не е личноста која ќе ги врати успесите на „Олд Трафорд“.

Информациите наведуваат дека поранешниот тренер на Спортинг Лисабон во договорот со Јунајтед вклучил клаузула според која клубот мора да му ја исплати целата плата од преостанатите две и пол години од договорот доколку реши да се раздели со него на лето. Според пресметките, тоа значи дека на самиот Аморим ќе му бидат исплатени околу 12 милиони фунти, а кога ќе се додаде и обештетувањето за останатите членови од неговиот штаб, сумата достигнува 20 милиони.

Исто така, треба да се има предвид дека во ноември Јунајтед веќе му плати на Спортинг 9,2 милиони фунти за да го ослободи Аморим од неговиот договор.

Откако Сер Алекс Фергусон го напушти Јунајтед во 2013 година, клубот потроши над 70 милиони фунти за обештетување за отпуштените менаџери и нивните штабови.

Јунајтед има шокантни осум порази и само четири победи во 15 натпревари во Премиер лигата под водство на Аморим. Освоените поени се само 15.