Амнести: Руската агресија на Украина е кривично дело сама по себе


По извештаите за очигледни воени злосторства извршени од страна на руските воени сили врз цивилите во Буча, Ањес Каламар, генерален секретар на Амнести интернешенел,  потврди дека извештаите покажуваат поширок модел на воени злосторства, вклучително и вонсудски егзекуции и тортура во други окупирани области на Украина.

„Се плашиме дека насилството што го претрпеа цивилите во Буча од рацете на руските војници не е единствено. Овие инциденти треба да се истражат како воени злосторства. До денес, Амнести интернешнал има собрано докази за убиени цивили во Украина во неселективни напади во Харков и во Сумиската област, документираше воздушен напад во кој загинаа цивили кои чекаа во редици за храна во Чернихив и собра докази од цивили кои живеат под опсада во Харков, Изиум и Мариупол,” рече Каламар.

Подоцна оваа недела, Амнести интернешенел ќе објави нови сведочења собрани за време на теренска истрага во голем број градови во поширокиот регион Киев.  Од организацијата генерално порачаа притоа дека руската агресија против Украина сама по себе е кривично дело според хуманитарното право.