Ами Ларсон Џеин: Водете дијалог, а не исполитизирани дебати
Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин, повика денес „високополитизираната дебата во државата да се замени со контруктивен дијалог“ кој ќе помогне земјата да стане членка на Европската унија. На форумот организиран по повод Денот на Европа, таа рече дека одлуката за уставните промени е суверена и сами ќе ја донесеме, но сега кога има нов моментум за проширувањето, треба да го зграпчиме.
На форумот учествуваше и претседателот Стево Пендаровски кој изминатите денови е говорник на дебати со преставници од различни политички спектри во Македонија – од дисидентите на главните политички партии, малите партии, позицијата, а денес и опозицијата. Неговата клучна порака беше иста како и на амбасадорката.
-Време е да престанеме да се занимаваме со заморот на проширувањето во ЕУ и да се фокусираме на процесот, рече Пендаровски, оценувајќи дека така како што се однесуваме сега шириме дефетизам околу евроинтеграцијата, создаваме геополитички вакуум и им помагаме на актерите кои сакаат да поттикнат конфликти тука.
Според него, иако може да се сфати заморот кај граѓаните од проширувањето, неоправдано е тој да се користи од политичките преставници кои се избрани да работат за подобра иднина на граѓаните. Напротив, смета Пендаровски, нивна задача е да се забрза динамиката на реформите, додека ЕУ треба конечно да почне да ја применува новата методологија која е стара веќе три години, место да остава простор да се злоупотребува за свои интереси од земјите членки. Затоа, рече Пендаровски наш приоритет во моментов се уставните промени, а со вклучувањето на околу 3.000 Бугари во Уставот, со еднаков статус како и останатите, само ќе потврдиме дека почитувањето на правата на етничките заедници е наша специфика на која се гордееме.
-Наш приоритет во овој момент се уставните измени што произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, а за сите останати прашања постои јасна политичка волја да водиме легитимна демократска политичка дебата и веднаш потоа да ги завршиме и тие обврски. Во таа смисла ги повикувам сите проевропски политички партии и пратеници во Собранието да го направат својот избор. А тој избор е едноставен – или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава, нагласи претседателот.
Тој порача исто така дека владеењето на правото е почеток и крајот на сите реформи, услов без кој не може да функционира ниту еден сегмент од општеството.
-Држава која нема сила да ја совлада корупцијата и да обезбеди функционални институции не е во состојба да спроведе ниту една реформа од економијата и екологијата. се до културата и спортот, нагласи Пендаровски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир исто така тврдеше дека проширувањето не е запрено туку напротив, има интензивирање на процесот бидејќи приемот на нови членки е од заедничка корист за безбедноста, демократијата и економијата , како кај нас така и во ЕУ. И тој нагласи дека уставните измени се суверена одлука на државата, но апелираше сите политички актери да учествуваат во дебатата со чувство на политичка орговорност и водени од интересот на граѓаните земјата да стане членка на ЕУ. Според него, уставните промени се практични и возможни за Македонија иако не се лесни.
Ова е веќе којзнае која по ред дебата на која се праќаат пораки за евроинтеграцијата и за уставните промени, очигледно со цел да се изложи оваа тема повеќе пред јавноста и да се покаже дека вреди да се прават компромисите. Впечаток е исто така дека во овие дебати полека се вклучува и ВМРО-ДПМНЕ, поточно условно кажано „мекото крило“ и полека се изолира лидерот Христијан Мицкоски кој по секоја цена се држи за имиџот на „јастеб“ патриот. Проценка во политичките кругови е дека со Мицкоски е беспредметно било какво преговарање и дека него го интересира само една цел – да дојде на власт во Македонија, без оглед на цената што ќе ја платиме за тоа. Во дебатата очигледно се вклучуваат и инстант патриотите кои се изродија од големите политички партии или коалиции и кои играат на национална карта пред очекуваните избори.
Во интерес на уставните измени е и посетата на специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој имаше разговори со преставниците на сите парламентарни политички партии овие два дена и со државниот врв, како и одржувањето на Мешовитиот комитет во Макеоднија. (С.Ј.)