Амфилохие: Отсега литиите ќе ги пријавувам за мене да ме апсат


Митрополитот црногорски-приморски Амфилохие изјави дека во иднина ќе ја пријавува секоја литија во црногорската полиција, така што полицајците би го апселе него, а не свештениците како досега.

– Ако некој треба да биде процесуиран тоа е митрополитот … затоа што сè што се случува овде во Митрополијата зависи од него, а не од свештениците и верниците. Јас веќе потпишав, јас ќе потпишам за литургија во Подгорица, затоа што ми е непријатно кога моите свештеници се судени и осудувани, а јас сум главниот актер, рече Амфилохие.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека постапките на полицијата биле заплашување на луѓето, пренесува подгорички „Вијести“.

Црногорското обвинителство вчера нареди 72-часовен притвор за двајца свештеници на Српска православна црква (СПЦ) во Црна Гора затоа што на вечерните литии во Подгорица и во Даниловград имало повеќе од 200 граѓани, колку е максималниот број на луѓе дозволено да се соберат на едно место.

Свештениците Мирчета Шљивичанин и Жељко Ќалиќ се товарат за кривично дело неисполнување здравствени регулативи за сузбивање на заразна болест.