Американските сили повторно нападнати во источна Сирија


 Проиранска вооружена група ја презеде одговорноста за ракетниот напад врз воена база на коалицијата предводена од САД во источна Сирија, јави ДПА.

„Исламскиот отпор во Ирак“ соопшти дека истрелал ракети врз „окупациската база Конико“.

Невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права соопшти дека четири проектили биле истрелани врз американската база во гасното поле Конико. Нападот беше извршен од „области под влијание на режимските сили и нивните сојузнички проирански милиции“ и се совпадна со пристигнувањето на воено засилување од силите на меѓународната коалиција, пренесе БТА.

Од невладината организација додаваат дека во реонот на воената база се слушнале експлозии, кои го принудиле воениот конвој да застане пред да влезе во базата. Во исто време, воени авиони на коалицијата ги нападнаа позициите на иранската милиција во селата Табија Шамија и Марат во околината на градот Деир ез-Зур и уништија локација за лансирање проектили.

Нападите на иранските милиции врз американските бази на сириска територија се одговор на израелските напади врз Газа. Пред неколку дена, американските сили извршија воздушни напади на две локации во источна Сирија за кои извори од Пентагон изјавија дека ги користат иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда и некои од неговите сојузници.

Според Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, од 19 октомври имало 14 напади врз американски бази во Сирија.

Висок функционер на Пентагон денеска изјави дека од 17 октомври американските единици во Ирак биле нападнати најмалку 14 пати, а во Сирија најмалку девет пати. Беа користени дронови и проектили, но повеќето беа соборени пред да предизвикаат штета. Претставникот на американскиот воен оддел повторно ги повтори стравувањата на Вашингтон дека може да дојде до ескалација.