Американските разузнавачи открија: На Русија за најмоќната ракета ѝ недостасуваат јаглеродни влакна


Производството и испораката на руските суперсонични ракети „Авангард“ продолжува по планот и без одлагање, соопштија од кабинетот на заменик-премиерот на Русија Јуриј Борисов.

Кабинетот со ова реагираше на извештаите во американските медиуми дека Русија произведува помалку ракетни системи „Авангард“ отколку што е планирано поради потешкотии во набавката на компоненти, пренесе Тасс.

Тв каналот CNBC вчера изнесе наводни податоци од американските разузнавачки служби дека Москва сѐ уште не нашла добавувач за јаглеродни влакна, како замена за материјалите кои не ги издржале високите температури во почетната фаза на лансирањето.

Телевизијата пренесе проценка на неименуван извор дека Русија наводно нема да може да произведе повеќе од 60 ракети „затоа што се покажало дека нивниот развој е прескап“.

Производството на новото оружје, вклучително и „Авангард“, го најави рускиот претседател Владимир Путин во својот годишен говор за состојбата на нацијата во сојузниот парламент на 1 март 2018 година.

Путин порача дека тие может да ја погодат секоја точка на светот и дека може да го избегнат американскиот ракетен штит и истакна дека „Авангард“ не може да биде пресретнат.

„Авангард“ има интерконтинентален домет и може да лета во атмосферата 20 пати побрзо од звукот. Кон метата лета како метеорит, како огнена топка“, изјави Путин.