Американските компании сметаат дека царинската војна на Трамп е штетна

Американските компании не го одобруваат воведувањето на царините објавени од претседателот Доналд Трамп и се загрижени од нивното влијание врз економијата, пишува „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на изјави од топ менаџери.
Некои укажале дека не сакаат јавно да ја критикуваат политиката на Трамп поради страв од одмазда.
-Не сакаш да бидеш едно од многуте кучиња што лаат, можеби токму тебе ќе те застрелаат, рекол еден од директорите.
Еден соговорник предложил да се свика приватна средба на топ менаџерите со Трамп за да му се објаснат последиците од царинската војна, дека растот на цените и загубата на работни места кај гласачите може да му нанесе огромна политичка штета. Трет извор повикал на „мека“ форма на лобирање преку советници како министерот за финансии Скот Бесент.
Некои компании веќе дискутираат преместување на производството во САД и реорганизација, но се двоумат колку далеку да одат поради непознаница колку може да трае сегашната политика. Тие се надеваат Белата куќа да ја олесни царинската политика.
Трамп минатата недела воведе увозни царини од 10 до 50 отсто за стоки од 185 земји. Ова предизвика пад на берзите и загуби во висина од 2,7 трилиони долари. Многу економисти и аналитичари стравуваат од рецесија во САД. Иако дел од компаниите ја зеле во предвид оваа ситуација, методологијата на воведените царини од страна на Белата куќа ги направила анализите неупотребливи.
Херолд Хем, поддржувач на Трамп и директор на нафтената компанија Continental Resources, ја поддржува оваа индустриска политика, но предупреди дека падот на цените на енергенсите може да биде штетен. Трамп, пак, ги повика Американците да „се држат цврсто“ со порака дека крајниот резултат од воведените царини ќе биде „историски“ поволен за САД.