Американскиот секретар за одбрана ќе ги посети Германија, Белгија и Полска
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/сад.webp)
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет следната недела ќе ги посети Германија, Белгија и Полска, соопшти Пентагон.
Хегсет во понеделник ќе замине за Германија. Таму ќе го посети штабот на Европската команда на САД и командниот центар на американската војска одговорен за Африка, кој се наоѓа во Штутгарт, пренесува ДПА.
Хегсет потоа ќе отпатува во Брисел за да учествува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, на кој ќе се разговара за зголемување на трошоците на Алијансата. Министрите ќе разговараат и за зајакнување на лидерската позиција на Европа и можностите за зголемување на капацитетите на одбранбената индустрија од двете страни на Атлантикот.
Хегсет, исто така, сака да ја потврди „посветеноста на американскиот претседател Доналд Трамп за дипломатски крај на војната во Украина што е можно поскоро“, се вели во соопштението на Пентагон.
Последната станица од европската турнеја на американскиот секретар за одбрана е Полска. Таму, Хагсет ќе се сретне со водечките полски политичари и ќе ги посети американските војници стационирани во земјата.
Во соопштението не е прецизирано дали Хегсет ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција, која започнува на 14 февруари.