Американскиот одговор на корона вирусот е фатално „хаотичен“, вели Ноам Чомски


Соединетите Држави се наоѓаат на хаотичен пат без федерален план против пандемијата на корона вирус бидејќи го намалува финансирањето на јавното здравство и ги игнорираат климатските промени, вели Ноам Чомски, еден од најпоззнатите интелектуалци и основач на модерната лингвистика во интервју за АФП.

АФП објави дел од интервјуто со 91-годишниот левичар и интелектуалец, кој е автор на повеќе од 100 книги и во моментов е професор на Универзитетот во Аризона. Како што се наведува во извадокот од интервјуто, Чомски два месеци бил во Тусон со неговата бразилска сопруга Валерија, неговото куче и папагалот кој може да каже „суверенитет“ на португалски јазик.

„Нема кохерентно лидерство. Тоа е хаотично. Претседателството, Белата куќа, е во рацете на социопатскиот мегаломанец кој не е заинтересиран за ништо друго освен за неговата сопствена моќ, за изборните изгледи – не му е грижа што се случува со земјата, со светот“, вели Чомски одговарајќи на прашањето како гледа на моменталната состојба во Соединетите Држави, каде што корона вирусот уби повеќе жители од која било друга држава во светот.

Претседателот лично рече дека сојузната влада не може да стори ништо“, вели Чомски додавајќи дека на претседателот ништо не му е важно освен неговата лична моќ и придобивка. Се разбира, тој мора да ја одржи поддршката од неговата примарна изборна единица, а тоа се богатите и моќните компании, додава тој.

Чомски го критикува американскиот претседател и поради тоа што, како што вели, штом дошол на позицијата неговиот прв потег бил демонтирање на целата машинерија за превенција од пандемија.

„На почетокот, го намали финансирањето на Центарот за контрола на болести, кој би се справил со ова. И откажувањето на програмите што работеа со кинески научници за да се идентификуваат потенцијалните вируси. Значи, САД беа поединечно неподготвени. Тоа е приватизирано општество, многу богато, со огромни предности – далеку повеќе од која било друга земја – но тоа е задушено од приватната контрола“, вели Чомски.

Тој нагласува дека нема универзален систем на здравствена заштита, што всушност се должи на крајниот неолиберален систем.

„Европа на многу начини е полоша, затоа што програмите за штедење само ја засилуваат опасноста, заради силниот напад врз демократијата во Европа, префрлање на одлуките на Брисел… Значи, Европа има свои проблеми, но барем го има остаток од некаква социјалдемократска структура која обезбедува одредена поддршка, што мислам дека недостасува во САД“, вели Чомски.

Тој смета дека сериозноста на пандемијата не е најлошиот проблем иако закрепнувањето од пандемијата ќе има висока цена.

„Но, нема да има закрепнување од топењето на поларните ледени покривки и зголемувањето на нивото на морето и другите штетни ефекти на глобалното затоплување“, смета еден од најголемите интелектуалци во светот.

Тој исто така се осврнува и на користењето на технологијата за следење на граѓаните за што предупредува дека ако им се дозволи на големите технолошки компании и на државата да го контролираат нашиот живот, тие ќе го претворат во нешто како во Кина каде има технологија за препознавање лице низ целата земја и сè што прават луѓето се следи.