Американскиот лек „ремдесивир“ против корона вирусот доби дозвола од ЕУ


Директорот на Европската агенција за лекови, Гвидо Раси, најави издавање на дозвола за употреба на „ремдесивир“ при третман на Ковид-19.

Тоа е препарат на американската фармацевтска компанија „Гилеад“, кој според првичните истражувања го намалува времето на хоспитализација во случај на инфекција со новиот корона вирус за 31 процент во однос на плацебо.

„Можно е во следните денови да се издаде условна лиценца за лекот“, рече Раси пред Европскиот парламент.

Дури и пред издавањето на официјална дозвола за употреба, Европската агенција за лекови го препорача „ремдесивир“ за третман на најтешки случаи на инфекција со Ковид-19.

Соединетите Држави издадоа дозвола за итна употреба на „ремдесивир“ во своите болници на 1 мај, а клиничките истражувања за овој лек треба да бидат готови до крајот на месецот.