Американскиот долар веќе не е најкористената валута во светот

Американскиот долар загуби од еврото како валута број еден за глобални трансакции, првпат по скоро осум години, објави Друштвото за светски меѓубанкарски финансиски телекомуникации (SWIFT).

Како што објави Блумберг, повикувајќи се на месечните податоци на СВИФТ, еврото последен пат беше на прво место во февруари 2013 година, пренесува Бизнисинфо.

Податоците на СВИФТ, кој ги следи прекуграничните меѓународни плаќања во повеќе од 11.000 финансиски институции во 200 земји, покажаа дека единствената валута на Европската унија беше најмногу користена минатиот месец. Следуваше американскиот долар, потоа британската фунта и јапонскиот јен. На петтото место се најде канадскиот долар, кој го помести кинескиот јуан на шестото место, пишува „Русија денес“.

Статистичките податоци покажуваат дека 37,8 проценти од СВИФТ готовинските трансфери во октомври биле извршени во евра, што е пораст од шест проценти во однос на една година претходно и е највисоко ниво од февруари 2013 година. Користењето на американскиот долар падна на 37,64 проценти, што е пад за 4,6 процентни поени.

БИС: Доларот е доминантен

Американската валута ослабе повеќе од 11 проценти од својот врв во март, врз основа на индексот Блумберг, кој се мери во однос на корпата на главите конкуренти. Аналитичарите предвидуваат дека неговата проценка ќе падне уште повеќе.

Сепак, Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во својот извештај во јуни вели дека американскиот долар останува доминантна сила во меѓународните финансии. Според БИС, „околу 85 проценти од сите девизни трансакции се случуваат во однос на американскиот долар. Тој е примарна резервна валута во светот, што сочинува 61 процент од официјалните девизни резерви“.