Американскиот амбасадор ја одби руската вакцина


 

Американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан, се заблагодари на руското Министерство за надворешни работи на препораката да се вакцинира со вакцината „Спутник V“.

Но рекол дека тоа нема да го направи, напиша на Твитер аташето за медиуми на Американската амбасада во Русија, Ребека Рос.

„Амбасадорот Саливан се заблагодарува на Министерството за надоврешни работи на Русија на предлогот да се вакцинира, но не би сакал да земе доза од „Спутник V“ наменета за државјанин на Русија“, напиша Росова.

Претходно на Фејсбук страницата на американската дипломатска мисија објавена беше фотографија на писмото на Саливан во кој дипломатот признава дека во годината што заминува се однесувал „многу добро, држел растојание“ и дека бара од Дедо Мраз вакцина против корона вирусот, нова хокеарска палка и патики за трчање.

Министерството за надворешни работи на Русија на својот Твитер налог одговори на писмото на Саливан наведувајќи дека ако американскиот Санта се уште не ги исполнил желбите на американскиот диплоат, Дедо Мраз има подароци за него.

Во министерството потсетуваат дека руската вакцина „Спутник V“ добила одобрение за користење кај лица постари од 60 години, а му препорачаа да обрне внимание на палките на компанијата „Зарјад“ кои, како што е познато, ги користи рускиот претседател Владимир Путин, кога игра натпревари од Ноќната хокеарска лига.