Американски војник уапсен во Британија под сомнение за шпионажа во корист на Русија
Високопозициониран американски војник е уапсен во Британија под сомнение дека шпионирал во корист на Русија, соопшти синоќа британската полиција, еден ден откако САД преместија авион од британска воена база поради закана за која се тврди дека е поврзана со Иран.
Директорот на ФБИ, Каш Пател, изјави дека 41-годишниот маж е уапсен под сомнение за шпионажа, што претставува „причина за најголема загриженост за САД и нивните сојузници“.
Апсењето во близина на градот Глостер, во западна Англија, „не е поврзано со ниту една тековна антитерористичка истрага“, соопшти полицијата.
Сепак, тоа се случи еден ден откако САД по вторпат во последните три месеци преместија авион-танкер од британска воена база. Авионот ја напуштил базата „Милденхол“, во источна Англија, поради закана од Иран, како што објави весникот „Волстрит џурнал“.
САД во септември ги повлекоа бомбардерите од базата „Ферфорд“ што беа ангажирани за напади врз Иран, по инцидент што британската полиција го поврза со Иран. Техеран ги отфрли сите наводи за поврзаност со нападите или инцидентите во Британија.
Американскиот војник е задржан под сомнение за кривични дела според Законот за национална безбедност, што се однесуваат на прибавување и споделување доверливи информации и помагање на странска разузнавачка служба. Полицијата соопшти дека земјата на која се однесуваат сомневањата е Русија.