Американски војник доби речиси четири години затвор во Русија


Руски суд осуди американски војник на три години и девет месеци затвор под обвинение за кражба и закана дека ќе ја убие својата девојка, објавија руските медиуми.

Наредникот Гордон Блек беше осуден пред судот во Владивосток на далечниот исток на Русија и ќе ја отслужи казната во казнена колонија.

Блек, кој беше уапсен во мај, се изјасни за невин за упатување закани дека ќе убие, но призна дека е делумно виновен за кражба на 10.000 рубли (116 долари) од неа.

Тој рече дека ќе поднесе жалба на пресудата. Обвинителите побараа тој да биде осуден на четири години и осум месеци, додека неговата одбрана побара ослободителна пресуда.

Американските власти соопштија дека 34-годишниот Блек се сретнал со својата девојка во Јужна Кореја.

Тој се пријави во армијата во 2008 година, а беше распореден во Ирак во 2009 година и во Авганистан во 2013 година. Тој неодамна беше назначен во Осмиот армиски корпус, американските сили во Кореја во кампот Хемфрис.

Американската војска соопшти дека наредникот Блек не барал официјално одобрение и дека Министерството за одбрана не го одобрило неговото патување во Русија или Кина, каде што тој прв пат патувал на враќање од Јужна Кореја. Нема докази дека имал намера да остане во Русија.

Русија држи и други Американци зад решетки. Репортерот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович е во затвор од март 2023 година, додека поранешниот американски маринец Пол Вилан беше осуден на 16 години затвор во 2020 година.

Алсу Курмашева, руско-американска уредничка на американското радио Слободна Европа, е притворена од октомври и може да се соочи со казна затвор до 10 години под обвинение за ширење лажни информации за руската војска.

Судот вчера одби да ја ослободи Курмашева од затвор пред судењето. Сите тројца тврдат дека се невини, а американската влада вели дека обвиненијата против нив се неосновани.