Американски „Ривиан“ отвори технолошки центар во Белград


 

Американскиот производител на електрични автомобили „Ривиан“ отвори технолошки центар во Белград каде ќе бидат вработени 200 инженери.

Васим Бенсаид, постар потпретседател за развој на софтвер на „Ривиан“, им се заблагодари за поддршката што ја добија кога пристигнаа во Србија и истакна дека софтверот е суштината на искуството што компанијата им го нуди на клиентите.

– Тоа одредува како се движат возилата и како тие комуницираат со светот. За да го постигне сето тоа, на „Ривиан“ му се потребни најдобрите инженери во светот, а ние многу наменски го избравме Белград. Имате активна технолошка сцена и среќен сум што можеме да им посакаме добредојде на новите колеги, изјави Бенсаид, пренесува агенцијата Бета.

Компанијата „Ривиан“ е основана во 2009 година и се занимава со дизајн и производство на електрични возила. Првите модели на возила се R1T, пик-ап со два реда седишта за пет патници, кој беше прогласен за најдобро возило во својата категорија, како и R1S, SUV со три реда седишта за седум патници.

На отворањето на технолошкиот центар присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил.

Вучиќ оцени дека доаѓањето на „Ривиан“ во Србија е од особено значење и дека на доаѓањето на овој инвеститор се работи повеќе од година и пол, како и дека Србија е единствената земја, покрај САД и Канада, каде отворија технолошки центар.