Американски метеоролози: Сезоната на урагани над Атлантикот ќе биде над нормалата

Овогодишната сезона на урагани над Атлантикот веројатно ќе биде „над нормалата“: Предвидени се најмалку три до шест урагани од „категорија 3“ на скала од пет, објави денеска американската метеоролошка служба.

– Постојат 60 проценти шанси сезоната на урагани да биде над нормалата, рече Нил Џејкобс, официјален претставник на американската Агенција за набљудување океани и атмосфера (NOAA).

– Годинашната сезона би можела да биде „исклучително активна“, рече Џејкобс, додавајќи дека може да има три до шест урагани од најмалку „категорија 3“, со брзина на ветрот над 180 километри на час. Сезоната на урагани вообичаено трае од 1 јуни – 30 ноември, со просек од шест урагани, од кои три се големи.