Американски избори: Двајца кандидати – две радикално различни кампањи
Доналд Трамп и Џо Бајден, двајца кандидати за претседател на САД, на помалку од два месеци пред претседателските избори, често ги посетуваат истите места, понекогаш и во ист ден, но имаат радикално поинаков пристап кон американските гласачи.
Демократот и републиканецот се на турнеја во клучните сојузни држави каде резултатот може да го одреди крајниот победник, но тие го прават тоа на различен начин.
Бајден организира мали собири, а Трамп големи настани кои честопати ги кршат локалните мерки за борба против пандемијата на коронавирус, која однесе околу 200.000 животи во САД.
Трамп, 74-годишниот актуелен претседател кој се бори да ја повтори својата спектакуларна кампања што го донесе во Белата куќа во 2016 година, настапува без маска и не се грижи за заканата од вирусот.
Бајден ги почитува мерките против ширење на вирусот, носи маска во претежно празни сали каде се обраќа, пред сè, на телевизиските гледачи.
Таквиот поинаков пристап веројатно нема да се промени во преостанатите педесетина дена до изборите, како што беше минатата недела во Мичиген, една од клучните држави за освојување на Белата куќа.
Бајден во средата пристигна на паркингот на работничкиот синдикат на Обединети автоработници во малото гратче Ворен во близина на Детроит и веднаш рече дека ги почитува локалните мерки.
Тие, пак, се незамисливи за Трамп и тој влегува на своите митинзи без маска и ги крши препораките на здравствените власти. Така беше во вторникот во Северна Каролина, каде што тој се исмејуваше со ограничувањата пред возбудената публика.
– Трамп ништо нема да го одврати од големите митинзи, рече професорот Тоби Берковиц, експерт за политичка комуникација на Универзитетот во Бостон.
– Неговата стратегија е да биде пред очите на сите и тој не отстапува од тоа, додаде Берковиц.
Бајден признава дека му недостасува традиционалната кампања, но додава дека острината на неговите говори ќе го надополни немањето публика на митинзите.
Кампања во шпајз?
Берковиц верува дека тимот околу Бајден – кој би станал најстариот претседател во американската историја на 78-годишна возраст и чии противници честопати се прашуваат дали тој е ментално подготвен за оваа работа – ја користи заканата од коронавирусот за да го намали потенцијалот за спонтана интеракција меѓу Бајден и публиката, од што би можел да произлезе некој негов гаф во пресрет на изборите.
– Колку е поголем штитот околу него, толку подобро за нив, истакнува професорот.
Тоа, сепак, „не оди во прилог на демократијата“ затоа што кандидатите за претседател треба да се соочат со вистинските гласачи и „тоа едноставно не се случува“, додаде тој.
Трамп и членовите на неговата кампања ги исмеваат митинзите на Бајден. Тие често објавуваат фотографии од неговата кампања, како онаа кога тој седеше во градината опкружен со неколку гласачи.
Бајден „може да одржи митинг во шпајз“, изјави неодамна портпаролот на кампањата на Трамп, Тим Мурто.
Но, приврзаниците на Бајден не се незадоволни од неговиот пристап, тврди Берковиц.
Тој сè уште има значителна предност пред Трамп на национално ниво и малку помала предност во клучните држави.
Повеќето Американци поддржуваат носење маски и мерки за физичко дистанцирање, па додека стратегијата на Бајден „функционира“, зошто би го променил тоа?, прашува Берковиц.
Трамп го брка заостатокот
Бајден ги надоместува своите скромни митинзи со посета на голем број држави и со тоа не дозволува да се оживее приказната за криење во подрумот на неговиот дом во Делавер, што постојано го истакнуваат неговите противници, вели Џон Худак, аналитичар во тинк-тенк институтот Брукингс.
Иако Трамп и Бајден имаат сосема поинаква кампања, тие на крајот добиваат еднакво медиумско покривање, посочува тој.
– Важно е да се има предвид дека Бајден не е тој што го брка заостатокот, претседателот е тој што треба да го стаса Бајден, додава Худак.
Со својот пример за почитување на мерките, Бајден привлекува независни и прогресивни гласачи кои силно ги поддржуваат мерките против коронавирусот.
– Многу републиканци се смеат на тоа, заклучува Худак, „но многу Американци ќе го видат тоа и ќе заклучат дека Бајден се однесува како нив“. (Хина)