Американската забрана за летови од Европа ќе погоди два милиони патници

Прекинот на сите патувања за 30 денови меѓу САД и Европа во рамки на американски мерки за спречување на ширење на корона вирусот ќе влијае на 7.300 летови и повеќе од два милиони патници, според податоците на туристичката агенција „Сириум“.

Сепак, забраната нема да влијае на земјите што не се во Шенген зоната, како Велика Британија, Ирска, Романија, Хрватска, Украина и неколку други европски земји.

Американски власти велат дека најголемата закана од заразата со вирусот доаѓа од Европа. Забраната, барем засега, не важи за американските граѓани кои се враќаат од странство.

Американски здравствени претставници велат дека изворот на 70 проценти од заразените во САД е од Европа.

Експертите велат дека падот на побарувачката за воздушен сообраќај во САД е најголем по нападите на 11 септември 2001 година врз Њујорк и Пентагон.

„Американ ерлајнс“ објави дека летовите за Амстердам, Франкфурт, Минхен и Цирих ќе бидат прекинати денеска, додека летовите кон Париз, Мадрид и Барселона ќе продолжат уште седум дена. Ќе се намали и бројот на летови за Лондон.

Други авиокомпании како „Делта“, „Јунајтед ерлајнс“ и странските авиокомпании како „Луфтханза“ исто така ќе ги суспендираат или намалат летовите.

Американските авиокомпании сега се финансиски посилни отколку по терористичкиот напад во 2011 година и досега нема потреба од интервенција на владата, сепак, сето тоа зависи од времетраењето на заразата и должината на суспензијата.