Американската војска објави фотографија од остатоците од соборениот кинески балон


САД- Американската морнарица објави фотографија од соборениот кинески балон за кој се сомнева дека е шпионски. Командата на американските поморски сили на својата страница „Фејсбук“ објави неколку фотографии на кои се гледа како припадниците на војската ги влечат големите остатоци од балонот во чамецот.

Во соопштението се вели дека морнарите кои ги извлекле остатоците во неделата биле дел од специјален тим за ракување со експлозиви.

Балонот сега ќе се испитува за да се утврди дали навистина носел шпионска опрема.

Белата куќа  објави дека летот на кинески шпионски балон над САД не придонел за подобрување на и онака затегнатите односи меѓу Америка и Пекинг. По изненадувачки благата првична реакција на Пекинг по соборувањето на балонот, реториката на кинеските власти во меѓувреме стана многу поостра, оценува американската агенција АП, додавајќи дека односите меѓу двете земји продолжуваат да се влошуваат.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен поради случајот со кинескиот балон ја откажа долгоочекуваната посета на Пекинг што беше планирана за оваа недела.
Кина вели дека станува збор за цивилен балон што се користи за метеоролошки истражувања, но одби да каже на кого му припаѓа леталото, на владиниот оддел или на компанија.