Американската армија планира распоредување на единици за поддршка на Јужната команда на САД
Резервниот состав на американската армија планира во следните четири месеци да обезбеди полициска, медицинска и други единици за поддршка на Јужната команда на САД, објави „Си-би-ес њуз“ (CBS News) повикувајќи се на интерен армиски документ.
Во документот не се наведува Куба, но според неименувани извори на американската телевизија, барањето се однесува на продолжување на планирањето на евентуална операција поврзана со Хавана.
Резервниот состав на американската армија бара од пониските команди да ја проценат достапноста на шест вида единици кои би можеле да бидат ставени под ингеренции на Јужната команда на САД, која ги опфаќа Централна и Јужна Америка, како и Карибите.
Во документот се наведува дека единиците ќе бидат потребни од 90 до 120 дена. Меѓу бараните единици се баталјон за борбена поддршка на снабдувањето, одговорен за логистика, транспорт, одржување, гориво и резерви, како и инженерски баталјон. Исто така се предвидува команда за логистичка поддршка, медицинска бригада, единица за хируршки итни одговори и бригада на воена полиција.
„Си-би-ес њуз“ објави дека американските сили спровеле извидувачки операции на морското дно и приодите кон Куба претходно оваа година, додека некои компоненти на американските воздухопловни сили биле ставени во состојба на висока готовност.
Американскиот претседател Доналд Трамп во обраќањето пред Генералното собрание на ОН истакна дека неговата администрација сака „фундаментални промени“ во Куба, наведувајќи оти ќе падне комунистичката влада и ќе „дојде слободата во Куба“.
Кубанската делегација ја напушти салата за време на говорот на Трамп.
Претседателот на Куба, Мигел Дијаз-Канел посочи дека Хавана ќе се спротивстави на евентуален американски напад и ги обвини САД за „агресија“ и „економска војна“ поради нафтеното ембарго.