Американската амбасадорка Брнс го виде Охрид: Почнав да учам за вашата културна историја


Новата американска амбасадорка во Скопје Кејт Брнс веднаш по преземањето на новата должност, дојде и на отварањето на 59. „Охридско лето“ завчера на Античкиот театар. Таа викендов успеа да ги види и убавините на Охрид, да проба од локалните специјалитети и покрај Охридско езеро да оствари средба и со премиерот Заев.

Во видео обраќање пред преземањето на должноста порача дека со нејзиниот сопруг Скот Гејџ, со нетрпение чекаат да ги посетат познатите локалитети во земјава, да научат за богатата и разнолична културна историја…

-Од старата чаршија до кањонот Матка, Шарената џамија во Тетово,  Охридското езеро и повеќе…. Возбудени сме да искусиме се што има да понуди вашата земја. Очекуваме заедно да ги изодиме овие патеки, порача новата американска амбасадорка.

Брнс доаѓа од Атина каде што ја вршеше функцијата заменик амбасадор на САД во Грција.

Претходно таа била заменик-шеф на мисија и заменик-постојан претставник на Мисијата на САД во ОБСЕ во Виена.

За време на нејзината кариера, била советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Мадрид, била виш цивилен претставник на Одделот за државни функции во оперативната група Бастон/Бронко во Авганистан.

Работела како советник за јавни работи во Мисијата на САД во НАТО во Брисел, Белгија, од 2007-2010 година. Таа исто така ги претставувала интересите на САД во Шпанија, Боливија, Унгарија и Турција.

Брнс доаѓа на местото на Џес Бејли, кој од функцијата замина во март годинава.