Американската амбасада организира виртуелна прослава на 4 Јули- Денот на независноста


Амбасадата на САД во Република Северна Македонија денеска организира прослава по повод државниот празник 4 Јули- Денот на независноста. Ова е второ виртуелно одбележување на 245-от роденден на американсата нација од прогласувањето на независноста.

Прославата ќе биде пренесувана директно на фејсбук страницата на Амбасадата и на ТВ Канал со почетокот во 20:40 часот. Оние кои се во Скопје ќе можат да го видат и традиционалниот огномет по повод 4 Јули, на Калето во 21 часот.

Помошник-државниот секретар на САД задолжен за Европа и Евроазија, Филип Рикер, на завршната прес-конференција од првото издание на „Преспа Форум Дијалог“ во Охрид порача дека САД ги препознава спроведените реформи во Северна Македонија, а поддршката на присоединувањето на земјата кон Унијата го посочи како елемент на американската надворешна политика.

– На сите билатерални состаноци што ги водевме тука во Охрид заедно со колегата Метју Палмер ја поздравивме препораката од март минатата година ЕУ да отпочне преговори за пристапување на Северна Македонија и на Албанија, како признание за спроведените реформи. Пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ ќе ја зголеми регионалната, но и стабилноста во Европа, како и економските врски во рамки на трансатлантското партнерство. Тоа беше и елемент и на надворешната политика на САД години наназад. Последните одлуки што ги блокираа интегративните процеси на Северна Македонија го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ во регионот и во меѓународни рамки. Тоа испраќа погрешен сигнал и зајакнува некои перцепции дека ЕУ го напушта регионот. Не верувам дека тоа е така и затоа порачавме дека е потребно неодложно отпочнување претпристапни преговори и за Северна Македонија и за Албанија, рече Рикер.

По однос на стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија, тој истакна дека земјата треба да гледа на САД како на најдобар пријател што е можно кога станува збор за меѓународни односи на две држави.

– Спогодбата за стратешко партнерство САД ја потпишаа со Северна Македонија од 2008 година после Самитот на НАТО во Букурешт. Но, сега ние сме повеќе од стратешки партнери, ние сме НАТО сојузници, а тоа се најблиски односи што САД можат да ги имаат. Како сојузници во рамки на НАТО ние остануваме стратешки поврзани во сите аспекти на трансантлантскиот контекст, независно дали се работи за сојузништво во областа на одбраната, економските можности, промоцијата на заедничките вредности. Нема посилна врска од онаа што ја имаат сојузниците, а Членот 5 од Северноатлантското сојузништво значи задничка одбранбена политика, што е исклучително важна основа врз која се засноваат нашите меѓусебни односи, рече Рикер.

Процесот на пристапување кон ЕУ, посочи, ќе помогне да се положат темелите за попросперитетни и помирни времиња кои се засновани на темелните вредности и демократските начела. САД, нагласи, ги поддржуваат земјите членки на Унијата да ја одржат првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија и без одложување да ги остварат своите заложби и ветувања.

Во пресрет на 4 Jули – Денот на независноста на САД, Американската амбасада во средата организираше изложба насловена „Ноќ во музејот“ во која фокусот беше ставен на улогата на уметноста во отсликувањето на историјата. Амбасадорката Кејт Мари Брнз во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери и претставници на институции од областа на културата и уметноста, уметници и други гости, истакна дека виртуелната изложба е обид во услови на пандемија да се одржи посебен настан со физичко присуство, со кој ќе се покаже дека се наѕира светло на крајот од тунелот, по што продолжуваме по патот напред.

– Уметноста ни дава контекст и перспектива потсетувајќи не на времињата во кои сме надминале предизвици и сме се соочиле со кризи кои се чинеле огромни речиси ненадминливи во тоа време. Оваа изложба дава хроника на нашата Војна за независност и раѓањето на нашата демократија. Таа не носи низ нашата експанзија кон запад, до темните денови на нашата Граѓанска војна, се до 20-от век со сите бурни превирања од двете светски војни и големата депресија. Таа не води низ Студената војна и нејзиното пропаѓање, до трагедијата од 11 септември, па се до сегашноста. Оваа уметност ја покажува Америка каква што е – претставничка демократија во континуиран развој со сите нејзини убавини и недостатоци. Таа ја дава суштината на тоа кои сме ние – нација создадена на сет на идеaли кои го издржаа тестот во изминатите 245 години, која продолжува да се бори за уште подобра унија, рече Брнз.

Со користење на иновативна технологија беа презентирани дела кои припаѓаат на колекцијата на Музејот „Смитсонијан“ и ги претставуваат клучните периоди од американската национална историја.

Денот на независноста се слави во спомен на 4 јули 1776 година, кога е усвоена Декларацијата за независност, со која се прогласи независност од Велика Британија.