Американката Фиона Скот Мортон се откажа од функцијата главен економист на Европската комисија


Еврокомесарката за пазарна конкуренција Маргрете Вестагер денеска објави дека Американката Фиона Скот Мортон се откажала од нејзиното именување на функцијата главен економист на Европската комисија.

Вестагер не ја откри позадината зад одлуката, но таа доаѓа откако францускиот претседател Емануел Макрон и големите европски политички групи го критикуваа предлогот да се назначи Американка на клучна позиција во Европската унија.

„Професорката Фиона Скот Мортон ме информираше за нејзината одлука да не ја преземе функцијата главен економист за пазарна конкуренција“, напиша еврокомесарката на Твитер.

Данската политичарка беше критикувана што воопшто ја избрала 56-годишната Скот Мортон на таа функција.

Скот Мортон претходно беше главна економистка во американското Министерство за правда, за време на мандатот на Барак Обама.

Таа требаше да ја советува Европската комисија во истрагите на големите технолошки компании и спроведувањето на низа правила за регулирање на тој сектор.

Доколку ја преземеше функцијата, Скот Мортон ќе беше првата жена и првата државјанка на САД на таа должност во таа европска институција.