Американецот Вилер нов кошаркар на Пелистер


Македонскиот кошаркарски прволигаш Пелистер ги засили своите редови со Американецот Рузвелт Вилер.

„КК Пелистер е посилен за уште еден американски кошаркар со одлична репутација на пазарот. Рузвелт Вилер доаѓа во Битола како етаблиран кошаркар, кој минатата сезона го носеше дресот на швајцарските клубови Женева и Масањо“, објави битолскиот клуб.

Новото засилување на Пелистер е 23-годишен центар, висок 211 сантиметри, кој кариерата ја почна на колеџот Луизвил, по што продолжи во Ист Тенеси. Покрај искуството во Швајцарија, Рузвелт има титула и во шампионатот на Чиле со екипата на Кулпе.

По неговото доаѓање во Битола ќе се приклучи кон екипата и веднаш ќе му се стави на располагање на тренерот Тане Спасев.