Американец ослободен по 19 години затвор за убиство што не го извршил


Американецот Шелдон Томас (35), кој во затвор помина 19 години поради убиство, ослободен е во петокот откако беше откриено дека детективите навеле сведок да идентификува погрешна личност.

На Томас, кој е осуден за убиство на 14-годишно момче на Бадник 2004 година во Њујорк, пресудата му е поништена, години откако очевидецот го идентификувал врз основа на погрешна фотографија, изјави окружниот обвинител во Бруклин, Ерик Гонзалес, пренесе Си-ен-ен.

Томас имал само 17 години кога е уапсен и обвинет за убиство, покажуваат судските записници. Неговото ослободување од вината уследи по опсежна истрага која ја спровела Единицата за поништување на осуди во Бруклин, наведува канцеларијата на тужителот.

Гонзалес вели дека случајот против Томас од самиот почеток е компромитиран со тешки грешки и недостаток на веројатната причина за апсење. Тој и понатаму беше лишен од своите права, кога обвинителството продолжи да работи на случајот дури и откако е откриена погрешна идентификација, што неговата пресуда ја направи „суштински неправедна“.

Томас бил еден од тројцата наводни членови на банда обвинети за убиство на тинејџерот и ранување уште едно лице. Во текот на претпретресното рочиште во 2006 година, инспекторот кој работел на случајот во текот на вкрстено испрашување признал дека користел фотографија од погрешен Шелдон Томас и дека лажно сведочел, вели Гонзалес.

Другиот детектив рече дек Томас рекол оти тој не е човекот на фотографијата, според канцеларијата на обвинителот.

Тогаш судијата рекол дека секогаш постои веројатна причина за анонимна дојава, додавајќи дека фотографијата потсетува на на Томас, иако е друг на неа.

Од 2014 година работата на Единицата резултираше со укинување 34 пресуди. Во моментот отворени се 50 истраги, според портпаролот на канцеларијата на обвинителот.