Американците со своја Евровизија – Снуп Дог и Кели Кларксон домаќини на American Song Contest


САД – Раперот Снуп Дог и рок-пејачката Кели Кларксон ќе бидат вечерва домаќини на финалето на  „Натпреварот за песна на Америка“ (American Song Contest), по теркот на Евровизија.Натпреварот ќе биде прикажан на американската мрежа Ен-Би-Си.

До финалето од шоуто кое почна во март, стигнаа десет изведувачи меѓу кои и поп-ѕвездата и ветеран Мајкл Болтон, а учествуваа изведувачи – солисти, дуети или групи од сите педесет американски сојузни држави, од областа на Вашингтон и од петте поврзани американски територии.

„Чест ми е што го водам натпреварот за Песна на Америка со мојата сестра Кели Кларксон“, нагласи Снуп Дог во писмена изјава за медиумите.

Кларксон беше победничка на првото издание на Американскиот идол во 2002 година, а потоа доби две „Греми“ награди и имаше милиони продадени албуми.

– Јас сум голем обожавател на евровизискиот концепт и воодушевена сум што овој музички феномен доаѓа во Америка. Возбудена сум што ќе работам со Снуп и едвај чекам да ја видам секоја држава и територија претставена од својот уметник, рече таа.